Сцена
Нов проект на ЕГЗИТ со Светската програма за храна на Обединетите нации
ЕГЗИТ (EXIT) фестивалот во партнерство со Светската програма за храна на Обединетите нации, најголемата хуманитарна организација на светот, го покренува проектот „Лајф Стрим“ (Life Stream), чија цел е со заеднички сили да се помогне на милионите луѓе ширум планетата, кои поради пандемијата на Ковид-19 дојдоа до раб на екстремен глад.
„Лајф Стрим“ ќе ги собере големите светски и регионални музички имиња кои од 3 до 6 септември годинава ќе настапат на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, за милионската публика преку интернет. Посебен сегмент од проектот ќе биде посветен и на промоцијата на локацијата пред публиката ширум планетата.
Како што случаите со коронавирус се шират ширум светот, пандемијата создава сѐ поголеми проблеми, особено меѓу оние кои се наоѓаат на првата линија на климатските промени, борејќи се често со сушата, бурите и поплавите кои го отежнуваат производството на храна, влошувајќи го проблемот со гладот и туркајќи ги луѓето во уште подлабока сиромаштија. Со оглед на тоа дека пандемијата ќе доведе дури 270 милиони луѓе во проблем со екстремен глад пред крајот на 2020 година, што е зголемување за 80 отсто во однос на претходната година, последиците ќе бидат најсурови за оние кои се и без тоа веќе ранливи.
Основачот и директор на ЕГЗИТ фестивалот Душан Ковачевиќ вели дека е исклучителна чест да се воспостави соработка со толку значајна хуманитарна организација како што е Светската програма за храна на Обединетите нации, која секоја година спасува животи на милиони луѓе ширум светот. „Оваа година беше тешка за сите, но дури и во вакви времиња, мораме да најдеме сила за да направиме сѐ што е во наша моќ како би им помагнале на оние кои се најранливи,“ порачува Душан.
ПРОЕКТОТ LIFE STREAM
„Лајф Стрим“ е покренат минатата година и тој, заедно со Зелената Р:Еволуција, претставува до денеска најголемиот еколошки потфат на „Егзит“. Партнерството со Светската програма за храна го проширува опсегот на овој проект, истакнувајќи два важни мотиви на делување, окончување на гладот и изградба на отпорност на зедницата наспроти климатските промени, чие решавање пак, во време на опасноста од Ковид-19 станува уште поитно.
„Лајф Стрим“ ќе биде реализиран како четиридневен онлајн фестивал пренесуван од фамозната „Денс Арена“ на „Егзит“ на која ќе настапат големите имиња на светската и регионалната сцена. За време на настапите на изведувачите ќе се емитуваат видео материјали и пораки кои говорат за заштита на околината и кризата со глад. Покрај музичкиот фестивал, се подготвува и меѓународен панел на кој ќе се расправа за овие проблеми, а ќе се истакне и соработката помеѓу Светската програма за храна и „Егзит“. Посебен дел од „Лајф Стрим“-от ќе биде посветен и на промоција на културните и туристичките знаменитости на Нови Сад и Србија.
Овогодишниот проект претставува само вовед за многу пошироката соработка во 2021 година во која ќе се одбележат два исклучителни јубилеи, 60 години на Светската програма за храна и дваесеттата годишница на ЕГЗИТ фестивалот, на кој ќе настапат некои од најголемите светски ѕвезди како што се Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Ерик Приц и многу други.