МК Сцена
НОВА МУЗИЧКА НАДЕЖ: Тамара Ангеловска ја промовираше новата песна (ВИДЕО)
Вчеравечер младата талентирана македонска пејачка Тамара Ангеловска во ресторанот „Фитнес Хаус“ во Скопје ја промовираше својата втора песна насловена како „Не можам без тебе“.
Промоцијата со честитка за 18-тиот роденден на Тамара ја отвори радио и ТВ водителот Ване Маркоски. Композицијата „Не можам без тебе“ е песна со модерен светски призвук во друм и бас стил, а е авторско дело на добро познатиот Иле Спасев (музика и ангажман) и Даниела Хаџи-Тоневска (текст).
– Многу сум среќна што ве гледам во овој број, сакам да се заблагодарам на целиот тим кој неуморно работеше со мене овие денови за на крај да бидеме подготвени да го промовираме новиот видеозапис. Сакав нешто поразлично, се надевам дека и вас ќе ви се допадне, кажа Тамара на промоцијата.
Инаку, Тамара е родена на 20-ти декември 1998-ма година во Скопје, а наредната година ќе матурира на отсек Теоретичар со облигат флејта при средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“.
Зад себе Тамара има голем број освоени награди ширум светот. На домашен терен со својата прва студиска песна освои награда за најдобра дебитант при годинешниот „Охрид фест“, но и прво место на „Езерски бисери“. Надвор од Македонија, во силна конкуренција од повеќе од 250 пејачи освои Гранд При во Анталија, Турција, потоа Хаифа, Израел прво место, во Москва, Русија трето место, и Минск, Белорусија второ место.