МК Сцена
Од 2 до 6 септември гурмански викенд со пиво – „Пиволенд 2015“ на скопското Кале
Од 2 до 6 септември на скопското Кале по осми пат ќе се одржи традиционалната манифестација – Гурмански викенд со пиво „Пиволенд 2015“.
Пет фестивалски денови, богата музичка програма со големи имиња од македонската музичка сцена, како и гости од странство, многу пиво, гурманска храна и катчиња за забава, се само дел од она што не очекува на годинешниов „Пиволенд 2015“.
– Посетителите ќе имаат можност да дегустираат повеќе од 50 брендови пиво. Ги повикувам граѓаните на Македонија и на Скопје да го посетат фестивалот и да уживаат во богатата програма – изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на денешната прес-конференција.
Градоначалникот Трајановски упати апел посетителите на фестивалот да дојдат пеш, со јавен превоз или со такси и на тој начин да придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот и за подобра организација на манифестацијата.
Фестивалот на пивото традиционално е во организација на Град Скопје и на „Темов“. За организација на гурманскиот викенд, Градот Скопје од буџетот издвојува 200.000 денари.
Оваа година на гурманскиот викенд со пиво „Пиволенд 2015“, публиката ќе има можност да ужива во музиката на голем број македонски изведувачи, бендови и диџеи. На сцената ќе ги слушаме: Ласт Експедишн, Суперхикс, Смат, Културно Уметнички Работници, Тони Зен со бендот Флека, Есма Реџепова, Верка, Барбарела и многу други. Од регионот ќе гостуваат популарниот панк-фолк бенд Бркови од Хрватска, Блендед Бру од Данска, кои оставија огромен впечаток на годинешниот „Баскерфест“ и Лемон Бакет Оркестра од Канада, бенд од 15 луѓе, светски познат со повеќе од 500 концерти годишно.