МК Сцена
Основачот на „Плејбој“ Хју Хефнер почина на 91 година
Хју Хефнер, легендарниот издавач на списанието „Плејбој“, почина вчера во неговиот дом во Лос Анџелес на 91 годишна возраст.
Хефнер го основа „Плејбој“ во 1953 година во Чикаго, откако претходно дал отказ од списанието „Есквајр“, гневен поради тоа што одбиле да му ја зголемат платата.
„Плејбој“ веднаш станува сензација, благодарение на разголените фотографии на познати и помалку познати актерки, манекенки и „зајачици”. Хефнер го промовира „Плејбој“не само како списание туку и како начин на живот, организирајќи луди забави во неговата палата во Лос Анџелес. Издавачот самиот дава пример со честите врски со своите „зајачици“ од средните страници на списанието, наведувајќи по неколку од нив како неговата прва, втора или трета девојка.
Во 1986 година, поради здравствени проблеми, Хефнер донекаде го смирува дивиот начин на живот и се жени со Кимберли Конрад, 36 години помлада манекенка со која има две деца. Тоа е втор брак за Хефнер – од првиот брак, кој го склучил пред „Плејбој“ ерата, исто така има две деца. Бракот пропаѓа десетина години подоцна, а во 2012 Хефнер се жени со тогаш 26 годишната Кристал Харис.
– Горд сум на тоа што го сменив начинот на кој луѓето гледаат на сексот. Луѓето сега можат да живеат заедно, со што ја деконтаминиравме забраната за предбрачен секс. Тоа е мојот голем успех, изјави Хефнер, прашан од весникот „Њујорк тајмс“ за неговото најголемо достигнување.
Хефнер инсистирал дека неговите бројни испреплетени љубовни врски не претставуваат мамење на партнерките, туку дека отворените врски се негов животен избор, дури кога во прашање биле и сестрите близначки со кои живеел паралелно. Неговото семејство, Хефнер велел, потекнувало од пуритански доселеници и не дозволувале пиење алкохол, а разговорите за секс и разврат се сметале за строго забранети, што Хефнер вели дека придонело за неговите натамошни авантури.
Списанието е познато и по сериозните авторски текстови и карикатури, отстапувајќи простор за писатели кко Сол Белоу, Владимир Набоков, Артур Кларк и Маргарет Атвуд.