Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Отворено 56. издание на фестивалот „Охридско лето“

МК Сцена

Отворено 56. издание на фестивалот „Охридско лето“

Со гала концерт на светски познатиот мецосопран Елина Гаранча од Летонија, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет под диригентска управа на маестро Ион Марин од Австрија, вечерва на Античкиот театар е отворено годинешното 56.издание на фестивалот „Охридско лето“.

Пред преполнетиот Антички театар, фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Toj ги поздрави присутните, посочувајќи дека „Охридско лето“ се одржува во период кога стариот свет умира, а новиот сè уште не е роден.

– Во време кога над светот се надвиснати темни облаци, уметноста е како продорен зрак светлина. Овој зрак ја осветлува скриената убавина што извира од длабочината на човековото срце. Истовремено, овој продорен зрак на уметноста нè упатува и кон она што е скриено зад облаците, а тоа е вечниот извор на светлината и животот. Уметноста ја изразува надежта дека бурата ќе мине, облаците ќе се распрснат, ветриштата ќе се смират и дека ќе нè огрее светлината по која копнееме, рече Иванов.

Повеќе од пет децении, потенцира Иванов, десетина илјади уметници од сите меридијани, преку своите музички, сценски и ликовни дела охрабруваат да бидеме извор на убавината во светот.

– Првиот оригинален словенски и македонски поет кажува како да го направиме тоа. Пред повеќе од 11 века, токму од ова место, св. Климент Охридски нè поттикна да се престигнуваме во добрина, бидејќи убавината е само друго име за добрината, додаде Иванов.

Уметничката порака на фестивалот ја упати диригентот маестро Саша Николовски-Ѓумар, кој изрази уверување дека на сите учесници древниот Охрид ќе им претставува инспирација, каков што по некој случај му бил и на Климент пред единаесет и пол века, за да ги изгравира своите слова, да ја создаде нашата култура и писменост.

– Должни сме да ја пренесеме нашата писменост на нашите поколенија, а тие на нивните. А над сите тие слова, за да станат мисла сепак треба да се облагородени со интонација, а истата е музика, порача маестро Ѓумар.

Охрид од вечерва се до 20 август ќе живее со уметноста. Од вечерва ќе блеснат сцените на Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот. Тоа ќе се местата каде ќе се случуваат извонредно атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите вљубеници во уметноста, на она што претставува врв во уметноста во светски рамки. Програмата нуди неповторливи настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката, драмската уметност, програма за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид.

Програмата на годинашното „Охридско лето“ предвидува преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на „Вардар филм“. Македонија и Охрид годинава ќе бидат домаќини на вкупно 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји во светот.

Концептот и на годинешното фестивалско издание ги следи заложбите во текот на сите 40 фестивалски денови „Охридско лето“ да понуди квалитетна и атрактивна програма со врвни светски уметници.

На концертните вечери во програмата на фестивалот публиката ќе има можност да чуе некои од најголемите и најзначајните уметници на денешницата како Максим Венгеров, Вадим Рјепин, Артуро Сандовал, Фазил Сеј, Ана Веницкаја, Роман Симовиќ…

Фестивалот „Охридско лето“ е еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметничка музика, но и на македонските композитори и изведувачи. Секоја година, на својата програма Фестивалот вклучува и врвни домашни изведувачи, кои стојат рамо до рамо со оние светските. Тука се концертите на „Дуото Кировски“, виолинистот Џафер Џафери, на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, македонските уметници со светско реноме, Ана и Игор Дурловски кои заедно со Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, ќе изведат обработки на македонски духовни и народни песни направени од македонскиот композитор Сони Петровски…

За концертот на 4 август по повод роденденот на фестивалот, после незаборавните концерти на Роби Лакатош, Немања Радуловиќ, „Ховард госпел“ хорот, годинава прв пат ќе се реализира роденденски концерт со познат македонски уметник, виртуозот на гитара, Дамјан Пејчиновски, охриѓанецот кој заедно со своето трио се повеќе ја освојува меѓународната сцена.

Покрај учеството на големите светски уметници и ансамбли, годинава фестивалот „Охридско Лето“ ќе биде препознатлив и по „Летната академија“ која ќе се реализира во рамки на фестивалот. Голем број млади музичари од Македонија и пошироко ќе имаат можност да бидат дел од семинарите предводени од големите музички легенди. Вистинска привилегија за нив ќе биде да се соработува со виолинисти како Венгеров, Симовиќ, Рјепин, виолончелистот Марк Копе, трубачот Артуро Сандовал и хармоникашот Јури Шишкин.

Што се однесува на драмскиот дел од фестивалот, речиси половина од програмата за годинешното издание на Охридско лето“ е посветена на великанот на драмската уметност Вилијам Шекспир, како одбележување на 400-годишнината од смртта на светски најпознатиот театарски гениј.

Мотото на овогодинешната програма е „Славејќи го Шекспир ја славиме слободата“. Во тој контекст неговите дела „Магбет“, „Сонети“, „Комедија на грешки“ и „Ноќ спроти водици“ од различни страни на светот, на различни јазици и од различни култури ќе ги освојат сцените на Долни Сарај и предворјето на Света Софија како совршени театарски простори во Охрид.

На годинешното „Охридско лето“ вљубениците во театарот уште ќе можат да го видат и најновото остварување на режисерот Александар Баргман од Русија кој го поставува Ремарк со делото „Бар Ремарк“, потоа Јернеј Лоренциј со „Спобудалената локомотива“ на Виткиевич, Хоријаш Суру со „Арт оркестар“, Маргарита Младенова и Иван Добчев со проектот „Гогољ“.

Завршницата на 56-тото издание на „Охридско лето“ на 20 август ќе биде со концерт на театарска музика, своевиден алхемиски проект „На светов убавина“ на Горан Трајковски, кој преку симбиоза на театарот и музиката ќе ги презентира своите музички театарски креации од последната декада.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.