Сцена
Отворено 9. издание на МФФ Киненова
Гоце Цветановски го отвори фестивалот „Киненова“, Улрих Зајдл со порака: Кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора да даде отпор.
-Во времиња како овие, слободата на уметноста е загрозена. Во времиња како овие, загрозена е и слободата на филмската уметност. Но тоа не е сè. Во времиња како овие, следната генерација режисерки и режисерки понекогаш ја обзема страв. Тие не се плашат дека ќе потфрлат како режисерки и режисери, не, не се работи за таков страв. Туку се плашат дека ќе создадат погрешен филм, имено филм што за некого е правилен филм, а кој според владејачкиот дух на времето и според тие што ни го диктираат духот на времето е погрешен филм, рече во своето обраќање годинешниот лауреат на МФФ Киненова, австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл.
Киненова ги слави и промовира дебитантите, но секогаш ги има на ум и оние од кои учиме, големите филмски раскажувачи, големите мајстори на седмата уметност.
Фестивалот има важно прашање, кое е дел од фестивалскиот слоган оваа година, а тоа е: ШТО Е ПРВО? ПРИКАЗНАТА ИЛИ ФИЛМОТ? Јајцето или кокошката? Сценаристот или режисерот е прв? Кој е прв? Или од кого почнува се?
Ова се чести дилеми кои се отвораат во разни дискусии за филмската уметност.
-Можеби и никогаш нема да дојдеме до точен одговор. Веројатно таа дилема ќе постои, и најубавото е кога два погледи на една визија ќе се сплотат и ќе произведат автентично филмско дело кое понатаму ќе комуницира со гледачите. За нас ПРВО е филмот како уметност, А потрагата по ПРВИТЕ на новите режисери ни е пасија, страст и љубов. Немаме дилема, најубавите чувства се разбудуваат при изненадувањата. А тие ги носат младите, храбрите, субверзивните, автономни филмски уметници. Ние сакаме да изненадуваме со давање предност токму на нив, препознавајќи го креативниот потенцијал уште на почетокот, занемарувајќи некои мали несовршености кои да не се лажеме постојат секаде, велат организаторите.
Едно такво изненадување Фестивалот приреди и синоќа со македонскиот филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски. Оваа бескрајно имагинативна филмска анимација е всушност првиот долгометражен анимиран филм во Северна Македонија.
Филмот ќе биде дел од главната натпреварувачка програма на КИНЕНОВА 2024, натпреварувајќи се со уште 5 други филма за наградата ГРАН ПРИ, најдобар филм на деветтото издание на фестивалот.
Наредните денови публиката ќе има можнот да ужива богата програма која ќе изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни. Покрај шесте филма во главната програма каде ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Северна Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе може да се проследи и творештвото на лауреатот Улрих Зајдл преку филмовите од неговата филмска трилогија РАЈ или PARADISE.