МК Сцена
Овој викенд Интернационален мото фестивал во Скопје (ФОТО)
На Скопско кале в петок, сабота и недела ќе се одржи 10. Интернационален мото фест со кој ќе биде одбележана 10-годишнината од формирањето на мото клубот „Ноќни волци“ од Скопје.
Како што најави претседателот на „Ноќни волци“ Ленин Јовановски, на настанот кој е од отворен тип е најавено присуство на моторџии од сите околни земји, но и од Словачка, Чешка и Русија со кои ќе имаат целодневно дружење за време на фестивалот.
– Во рамки на фестивалот в сабота во 17 часот ќе се одржи мото дефиле по улиците на Скопје со кое ќе пратиме порака за поголема безбедност во сообраќајот и ќе обрнеме внимание на сите други ученици во сообраќајот за нашата присутност за да бидеме повоочиливи и да бидат повнимателни кон нас. Цел ни е да укажеме дека моторџиите се една од најранливите групи во сообраќајот, рече Јовановски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека на мото дефилето ќе бидат презентирани сообраќајни поучни видеа и нагласи дека статистиките покажуваат оти останатите учесници во сообраќајот кои учествувале во сообраќајна несреќа со мотоцикл најчесто воопшто не го забележале до моментот на сударот.
Ди-џеј Ицко информира дека музичкиот дел на фестивалот в петок ќе го отвори Дани, а потоа ќе настапи бугарскиот ска состав Uikeda, по што ќе следат домашните рок состави Dirty Side и Backdoor Band.
Музичкиот дел в сабота ќе го отворат македонските блузери In the Mood, а веднаш потоа ќе следи настапот на италијанскиот состав Achtunng Babies кој е најдобар кавер или трибјут бенд на групата U2. Фестивалот ќе го затоврат Band X, трибјут бенд на хардрок легендите AC/DC.