Сцена
Овогодинешното доделување на Оскарите во знак на протест против Доналд Трамп
Во Лос Анџелес вечерва ќе се одржи 89-тото доделување на Оскарите.
Возбудата е голема, но и помешана со нервоза бидејќи неколкумина од номинираните нема да можат да присуствуваат на церемонијата поради острите мерки што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп.
Се очекува говорите на глумците и режисерите да бидат фокусирани на политиката и моменталната ситуација во САД по победата на Трамп.
Некои од холивудските ѕвезди веќе го изразија мислењето на оваа тема.
Претседателката на Академијата за филмска уметност Шерил Бун Ајзекс изјави дека нема да ги спречи глумците да ја искористат вечерашната сцена за политички говори.
– Една од работите поради кои сум среќна е тоа што имаме слобода на говорот. Сметам дека многумина од нив ќе зборуваат спонтано кога ќе слушнат дека нивното име е прочитано. Се надевам дека сите ќе ги искористат своите 45 секунди на сцената за да кажат нешто што има смисла, истакна Ајзекс.
Мерил Стрип веќе даде изјава против претседателот на САД на доделувањето на Златен глубус. Трамп за таа изјава наведе дека Стрип се „преценува“.
Сепак, некои од глумците сметаат дека оваа сцена не треба да се користи за давање на такви изјави.
Церемонијата за доделување на Оскарите ќе се одржи вечерва во 17.30 часот, по локално време.