МК Сцена
Петто издание на Д Фестивал: Тридневен маратон на разумот и музиката
Д ФЕСТИВАЛ за својот скромен петти фестивал официјално го обзнанува целосниот концепт за тридневниот музички маратон кој годинава од 17. до 19. јули го славиме во Дојран со програма полна со квалитетни артисти, куп активности и едно чудо случувања наменети да ви овозможат најдобар помин летово.
Покрај музичката програма, годинава посебно внимание се посветува и на фестивалскиот камп на плажа кој за првпат ќе биде организиран во рамки на Д ФЕСТИВАЛ.
Меѓите на слободниот Ексик камп на Д ФЕСТИВАЛ ќе бидат поставени на 16. јули, спроти паркингот Гранит на брегот на Дојранското Езеро, во срцето на неиндустриската Југоисточна планска зона на Република Македонија.
Добредојдени се сите слободоумни чинители, чии приоритети се свест, пиво, независна мисла, збогатување на децентрализирана културно уметничка програма, општ развој и чорба од крап.
Ексик кампот ќе служи како упориште и цврсто и бескромпомисно јадро на посетителите на 5-от Д Фестивал. Својата недвосмислена и безрезервна поддршка на камперите од главната сцена на Д Фестивалот ќе ја дадат: Кирил Џајковски и ТК Вондер, Фолтин, а од наша застанаа и Србите Бед Копи и Грците Баилдса. За најдобро поминатото време летово ќе се погрижат и Љубојна брас фатази, Бла Бла Бла, ПМГ колектив, Фулиш грин, ЗАА, Драм’ен’Брас Трио и многу други, а се ќе започне со К.У.Р..
Во музичкиот дел од програмата, Д Фестивалот ќе има 3 стратешки точки: Главна сцена, Алтернативна сцена во кампот и Електронска диџеј сцена на плажата.
За главите да останат ладни, а страстите приземени, најубавите кампери од Пирава до Хелсинки, ќе можат да одат и на театар, кино, изложби, дебати, како и да се олабават во рекреативно спортското катче, каде ќе се види кој е најјак. Самиот камп се наоѓа на плажа, а ќе има и тушеви, гага бежичен интернет, терминали за полнење телефони…
Стар Дојран и сите негови волшебни кафеани се на 500 метри од Д Фестивалот, иако сите неопходни намирници, храна и пијалоци ќе бидат достапни во самиот камп и на фестивалот.
Денеска (28. Мај), почнувајќи на полноќ, со работа започнува и официјалната интернет страница на Д ФЕСТИВАЛ, www.dfestival.mk каде што редовно ќе бидат објавувани сите новости кои допрва следуваат, како и различни корисни информации за беспрекорен престој на сите посетители на петтото издание на Д Фестивалот во Дојран.
Д како Доста е, Д како Дојран, Д како Фестивал, Д како дај да олабавиме.
ЗАПОЧНУВА И СПЕЦИЈАЛНАТА АКЦИЈА „4+1“ ЗА СТУДЕНТИ И СРЕДНОШКОЛЦИ
Покрај промотивните фестивалски и еднодневни велзници кои веќе се достапни во продажба, на 1. јуни започнува и специјалната акција „4+1“ наменета исклучиво за студентите и средношколците во Македонија. Во рамки на оваа акција за 4 купени фестивалски влезници, петтата влезница ја добивате бесплатно, како и гратис камп за сите петмина.
Сѐ што треба да направите е да го соберете вашето омилено друштво, задолжително да носите студентска/ученичка легитимација и да се упатите во едно од официјалните продажни места на Д ФЕСТИВАЛ. За оваа акција да биде уште подостапна, Д ФЕСТИВАЛ ќе се погрижи и околу здружувањето на сите заинтересирани. Доколку не можете да се екипирате, за полесно да ги најдете вашите пајташи за на фестивалот и полесно да стигнете до единечна карта за тридневен фестивал која практично ќе ги чини 480 денари, задолжително следете ја официјалната фејсбук страница на Д ФЕСТИВАЛ.
Фестивалските билети за тридневниот маратон на разумот од 17. до 19. јули, вклучувајќи го и сместувањето на ептен независниот камп, во претпродажба чинат 600 денари.
Претпродажбата ќе се спроведува до 1. јули и се однесува на ограничен број на влезници.
ЕДНОДНЕВНИ ВЛЕЗНИЦИ:
Ден 1 (17. Јули) – 250 денари
Ден 2 (18. Јули) – 250 денари
Ден 3 (19. Јули) – 350 денари
ФЕСТИВАЛСКА ВЛЕЗНИЦА (+ бесплатен камп) – 600 денари
Продажбата на влезниците се спроведува преку МКТИКЕТС или поточно во:
продажните салони на ONE во: Скопје (Ramstore, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Skopje City Mall) Куманово, Тетово,Гостивар, Битола, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија;
во Скопје: Југотон (ГТЦ 1 кат), Универзална Сала, Тобако – МПМ ПРЕС, Тобако Гоги – Драчево, Тобако 2 -Скопјанка, Тобако – Дрводекор, Супер Тобако 8;
во Тетово: Алпине Спорт;
во Охрид: Њу Тобако;
во Кавадарци: Ровим Ком.
За деталите, посетете гo mktickets.mk .