МК Сцена
По повод Светскиот ден на театарот МНТ игра за СОС Детското село
По повод Светскиот ден на театрот, ќе се одигра претставата „РАЗГОВОРИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ“ во режија на Нина Николиќ во чест на децата од СОС Детско село Македонија, а приходите од претставата ќе бидат донација за нивното посреќно детство.
Но, Македонскиот народен театар се погрижи и на децата да им ја доближи театарската магија. Така, на самиот Ден на театарот, 27 март, МНТ организира театарска работилница за децата од СОС Детско село, по што е предвидена обиколка низ театарот и запознавање со начинот на неговото функционирање, за на крај денот и детските театарски доживувања да бидат крунисани со детската претстава „Палавковци“ на малата сцена во театарот.
„СОС Детско село Македонија оваа година слави 15 годишен јубилеј и сите овие години е посветено на обезбедување на топол дом, љубов, грижа на децата а пред се да обезбеди среќно детство бидејќи секое дете тоа го заслужува. Организацијата навистина може да се гордее со тоа што многу деца успеале да ги пребродат проблемите што ги носи животот и да му се радуваат на детството а и да бидат поподготвени за предизвиците кои ги чекаат во светот на возрасните. Не ја исклучуваме можноста некое од овие деца, да биде маѓепсано со волшепството на театарот и еден ден да стане дел од актерите, кои во оваа пригода играат претстава посветена на нив.
СОС Детско село Македонија е дел од големото семејство на меѓународната организација СОС Детски села интернационал, со над 132 земји во светот. СОС Детско село Македонија згрижува деца без родители и родителска грижа. Главната дејност е насочена кон поддршка на деца без родители и родителска грижа, деца и семејства во социјални ризици, како и активности за застапување и лобирање во правец на подобрување на квалитетот на грижа и превенцијата во полето на социјалната заштита.
Да бидеме хумани!
Билетите се пуштени во продажба на билетарницата на МНТ, цена 300,00 денари