МК Сцена
Почина актерот Ванчо Петрушевски
Актерот Ванчо Петрушевски почина денеска на 67-годишна возраст.
Од Министерството за внатрешни работи изјавија за МИА дека добиле повик од итна помош за починато лице од струен удар во скопското село Орешани, и оти екипи од МВР се на увид.
Неговите колеги веке се простуваат од него на социјалните мрежи.
– Тукушто разбрав дека доајенот на Драмски театар и македонското глумиште, Ванчо Петрушевски, трагично го загуби животот. Почивај во мир Рамче. За комеморацијата и погребот дополнително ќе известиме, објави на својот Фејсбук профил директорот на Драмски театар Сашо Тасевски.
Доајенот на Драмски театар Ванчо Петрушевски е роден во Скопје. По завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.
Во 2016 година ја доби државната награда „11 Октомври“ за остварување во областа на уметноста и културата.