МК Сцена
Почнува продажбата на билетите за Монти Пајтон Спамалот
Еден од најпопуларните Бродвејски мјузикли, Монти Пајтоновиот „Спамалот“, базиран на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“, за прв пат стигнува и пред македонската публика.
Популарниот мјузикл ќе биде одигран во Скопје, на 27 ноември, во реновираната сала на Македонска Опера и Балет. Продажбата на влезници за овој ексклузивен настан во рамки на Таксират фестивал, почнува од 7-ми октомври (петок), преку продажната прежа на МКтикетс. Билетите ќе бидат достапни само во ограничен број и со цена од 1200 денари.
Судејќи по огромниот интерес на публиката кај нас и тоа само по првото најавување на настанот, ве советуваме што поскоро да го обезбедите вашиот билет.
Мјузиклот „Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа, во досега невиден состав. Токму за овој мјузикл, српската актерска легенда Никола Којо по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, а со него на сцената брилираат и Никола Ѓуричко, Срѓан Тимарев, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и славната Јелена Јовичиќ која неодамна со главната улога во мјузиклот „Мама Миа“ ја восхити и македонската публика. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав – Рале Миленковиќ.
– Проектот „Спамалот“ е единствен музичко-сценски спектакл кој по прв пат на овие простори, на публиката и овозможува да ужива во врвната светска продукција. Собравме екипа од повеќе од 100 луѓекои го чинат актерскиот, балетскиот, хорскиот и оркестарскиот ансамбл, како и поголем број на надворешни соработници од областа на уметничките и сценските активности. Овој мјузикл е одлична прилика за сите љубители на Монти Пајтон и добриот хумор да дојдат и заедно со нас да уживаат во светски познатиот музичко-сценски спектакл. – изјавуваат од Proscenium Productions, во чија продукција е овој мјузикл.
Оригиналната Бродвејска продукција е направена во 2005 година, кога и „Спамалот“ веднаш ја доби „Тони“ наградата за најдобар мјузикл, како и уште две „Тони“ награди, Сара Рамирез за улогата на Дамата од Езерото и Мајкл Николс за најдобра режија на мјузикл. На тоа доделување, „Спамалот“ беше номиниран за вкупно 14 „Тони“ награди. За време на скоро пет години театарски живот на Бродвеј, претставата е изведена повеќе од 1.500 пати, ја погледнале повеќе од 2 милиони луѓе во 25 држави.
Приказната е базирана на книгата на Ерик Ајдл, оригиналниот член на групата Монти Пајтон, а која има своја основа во сценариото за филмот Монти Пајтон и Светиот Грал. Композитори на музиката се Џон Дупре и Ерик Ајдл.