Музика
Политички скандал на овогодишниот Евросонг (видео)
Политичките конотации на Изборот за песна на Евровизија не се никаква новост, но годинава една од песните учеснички на натпреварувањето предизвика скандал, како никогаш досега.
Имено, на овогодишниот Евросонг, што во мај ќе се одржи во Шведска, Украина ќе ја претставува Сузана Џамаладинова, позната под уметничкото име Џамала, со песната „1944“, во која се говори за прогонот на кримските Татари во централна Азија во времето на советскиот лидер Јосиф Сталин.
– Странци доаѓаат во вашите куќи, ве убиваат и велат дека не се виновни. Каде се вашите разум и срце? Човештвото плаче, се само дел од стиховите на песната „1944“, која предизвука бурни реакции, особено во Русија.
Поради оваа песна реагираше и Комитетот за медиумски слободи на руската Држава дума со барање Украина да биде дисквалификувана од Еврооснгот.
На ваквите реакции Џамала одговори дека прогонот на кримските Татари во 1944 година засекогаш го променил животот на нејзината изнемоштена прабаба.
– По ова нејзиниот живот повеќе никогаш не беше ист, изјави Џамала, која е родена во Киргистан од татко кримски Татар.
Инаку, на украинскиот избор за претставник на Евросонгот, Џамала победи со еден поен предност пред второпласираната нумера.