МК Сцена
Премиера на филмот за исчезнатиот македонски премиер на затворањето на „Синедејс“
Со премиера на македонскиот игран филм „Еј!“ на режисерот Васил Христов и соопштување на наградените филмови во натпреварувачките програми, вечер во кино „Милениум“ ќе биде затворен 17. Фестивал на европски филм „Синедејс“.
Филмот „Еј!“ е сниман пред десет години без буџетска поддршка. Настанал како одговор на политичката цензура, откако субверзивната претстава „Мара Сад“ на Христов била симната од репертоарот на театарот. Екипата на претставата – педесетина соработници обединети во неформалниот „Еј! Колектив“, решиле да снимат целовечерен игран филм. Филмот е политичка сатира, а професионалните ентузијасти го снимиле за шест недели, од крајот на 2008 до февруари 2009 година.
Раскажува за спиртуална сеанса на група пријатели на една ноќна забава кога на шега се обидуваат да го повикаат духот на Александар Македонски. Наместо него, меѓу нив се материјализира премиерот на земјата. Набргу низ целиот свет се шири веста за исчезнувањето на македонскиот премиер. Преку ноќ групата пријатели без намера стануваат грабнувачи на премиерот, а тој нивни несакан заложник.
Режисерот Христов сценариото го напишал во соработка со Оливер Митковски и Николина Кујача кои и учествуваат во филмот. Христов во интервју за МИА рече дека уште на почетокот решил дека филмот, пред сè, треба најмногу да им се обрати на младите и бунтовни интелектуалци бидејќи, како што вели, верувал дека тие се единстваната сила која евентуално може да ја покрене бурата на промената.
„‘Еј!’ е рефлексија на нашето најблиско болно минато и амбисот во кој многу лесно можевме да пропаднеме за никогаш повеќе да не се вратиме. Во оваа смисла може само да се заклучи колку некои ‘духови’ од блиското минато на политичката сцена, никогаш не престануваат да бидат актуелни“, рече Христов.
Во актерската екипа се: Кирил Коруновски, Николина Кујача, Оливер Митковски, Јордан Симонов, Александар Микиќ, Игор Ангелов, Јелена Јованова, Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Соња Стамболџиоска, Славиша Кајевски, Јелена Мијатовиќ, Марија Новак… Директор на фотографија е Душан Кардалевски.
„Еј!“ на фестивалот „Синедејс“ е меѓу 20-те филмови од гала-програмата, а од 22 ноември ќе биде на редовниот репертоар на кината „Милениум“ и „Синеплекс“.
На затворањето на фестивалот ќе бидат доделени и награди за најдобрите филмови во двете натпреварувачки програми – Официјалната и Програмата на балкански филм (СинеБалкан) според одлуките на две меѓународни жирија.
Во конкуренција во Официјалната селекција се осум филма: белгискиот „Сама на мојата свадба“; германскиот „Полицајци“; копродукциските „Товар“; „Кога дрвјата паѓаат“; „Не допирај ме“; „Виа Карпатија“; „Ти ја имаш ноќта“ и шпанскиот „Ана преку ден“.
Во „СинеБалкан“ се натпреваруваа шест остварувања: турскиот „„Арада“; српскиот „Бандити во потрага по мама“; босанско-мексиканскиот „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“; црногорскиот „Мрзливец“; косовско-албанскиот „Брак“ и „Граници, дождови“ – копродукција меѓу БиХ, Црна Гора, Србија, Велика Британија и Шведска.