Промо
DEAD CAN DANCE конечно во Скопје!
Волшебните DEAD CAN DANCE конечно пристигнуваат во Скопје! Македонската публика за прв пат ќе има прилика да ужива во безвременскиот и магичен звук на култниот и единствен светски музички феномен Dead Can Dance (Дед Кен Денс) кој следната пролет, во рамки на Таксират Фестивал ќе одржи два концерта, на 23 и 24 мај во Македонскиот народен театар.
Лиза Џерард, еден од најубавите светски вокали на современата музика и музичкиот гениј Брендан Пери, веќе 4 децении на музичките вљубеници им го пренесуваат својот длабок уметнички интегритет. Tворејќи музика која уште од оформувањето во 1981 година во Мелбурн, успешно се оттргнува од прангите на жанровите, просторот и времето, тие се потпишуваат зад неверојатен опус инспириран од звуците на Европа, Блискиот исток, Азија, северна Африка, Медитеранот и пошироко. Зад себе имаат осум студиски и три албуми во живо, и многу успешни светски кариери. Славни се и како композитори на музика за бројни филмови, меѓу кои најпозната е музиката за „Гладијатор“ на Ридли Скот. Лиза Џерард и Брендан Пери имаа и прекини во заедничкото работење, во кој период тие успешно ги градеа соло кариерите, а шест години по албумот „Anastasis“, повторно се вратија на заедничкото творење во 2018 година со албумот „Dionysus“.
Својот магичен звук и перформанс Dead Can Dance ќе го споделат конечно и со македонската публика и тоа на два концерта во Скопје кои се организирани во рамки на програмата за ТАКСИРАТ Фестивал 2022, а ќе се одржат следната пролет на 23 и 24 мај во МНТ.
Билетите за овие концерти ќе бидат пуштени во продажба во петок, 17 септември 2021 преку продажната мрежа на МкТикетс.