Македонскиот краток филм „Северен пол“ во трка за Златната палма во Кан
Краткиот игран филм „Северен пол“ на македонската режисерка Марија Апчевска влезе во селекцијата за Златна палма на престојниот 74. Кански фестивал. Ова е првпат македонски краток филм да е во трката за Златната палма. „Северен пол“ е избран меѓу 10-те кандидати за престижната награда од пријавените 3.739 филмови, објави фестивалот.
Како што е наведено во соопштението, Апчевска го снимаше 15-минутниот филм во јануари во Скопје и Македонска Каменица, по нејзино сценарио, а во продукција на „Кино Око“. Главните улоги ги играат Антонија Белезелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, а костимите се на Билјана Гргур.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ.
По наградуваниот „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017), ова е трет краток филм на Апчевска.