„Посебно Балканско музичко дружење“, нов проект на кларинетистот Благојче Трајковски
Еден од најактуелните кларинетисти во Македонија и на Балканот, Благојче Трајковски, деновиве влегува во втората фаза од работните обврски за неговиот најнов солистички албум, уникатно музичко парче кое буквално ќе биде едно „Посебно Балканско музичко дружење“. Албумот содржи композиции каде кларинетот е придружен од камерен оркестар, симфониски оркестар, хор и други помали музички формации, што го прави уникатен музички проект.
– Проектот е дел од моите докторски студии а произлегува како резултат на големата соработка со еден од најдобрите диригенти, композитори и аранжери на Балканот, Маестро Димитар Христов од Бугарија, кој во целост ги изработува аранжманите и оркестрациите на сите композиции од албумот, а свој голем придонес ќе дадат и многу инструменталисти, реномирани музички имиња од Македонија, Бугарија, Грција, Србија, Романија и други земји, изјави Благојче Трајковски.
Како што најавува Трајковски, ова треба да биде еден од најквалитетните и уметнички најбогатите албуми со инструментална музика кои воопшто се појавиле на Балканот.