Вечер полна љубов – ЉУБОЈНА во сосема поразлично издание
Средите во првиот и единствен музички бар кај нас веќе станаа вечери посветени на убавата музика, а, пред сè, вечери посветени на домашната музичка сцена. Овој пат Intermezzo music bar ја најавува дружбата со Љубојна и уникатниот глас на неповторливата Вера Милошевска.
Оригинални како и секогаш Вера и Оливер и овој пат пред себе поставуваат нов креативен предизвик, ново изненадување за публиката која ќе ужива во нивниот совршен звук, нивното музичко патување низ уникатниот репертоар.
Оваа среда се најавува како незаборавна акустична вечер, како вечер исполнета со музика за мерак, музика за душа… празник за сите сетила… Секој стих, секоја нота ќе бидат, како и секогаш, отпеани за и со љубов. Магија која не смее да се пропушти, зашто Љубојна е чиста љубовна креација.
Од Intermezzo music bar и овој пат нагласуваат дека влезниците заради почитување на протоколите се во ограничен број, и велат: „Сакаме да ги увериме нашите посетители дека сите забави се организираат според протоколот и одредбите кои се донесени од Владата и МЗ.“