МК Сцена
Роденденско финале на „Авалон“ со Џибони и Влатко Стефановски (ФОТО)
Со кулминативниот концерт насловен „Сè што ви треба е љубов“ („All you need is love“) „Авалон продукција“ го прослави својот 25. роденден, каде што настапија Влатко Стефановски, „Фанк шуи“ и хрватскиот музичар Џибони.
Младите „Фанк шуи“ го отворија концертот и ја „загреаја“ публиката. По нив на сцената се појави и виртуозот на гитара Влатко Стефановски. Тој имаше свој концерт каде што настапи со неговите најголеми хитови: „Скопје“, „Бистра вода“, „Јовано, Јованке“, „Џипси сонг“ …
Стефановски на сцената беше придружуван од неговиот син Јан, кој свиреше на тапани. Влатко песната „Бистра вода“ им ја посвети на сите оние кои веќе не се меѓу нас и коишто заминаа оваа година, а од публиката побара да направат ѕвездено небо. Стефановски настапи и како специјален гостин на неколку песни заедно со Џибони.
Џибони на сцената пристигна околу 23 часот и ја забавуваше публиката до доцна во ноќта. Воодушевените присутни пееја и танцуваа на големите хитови на Џибони како: „Темпера“, „Либар“, „Двије душе“, „Миракул“, „Цесарица“… На самиот старт Џибони се присети на починатиот музички великан Оливер Драгојевиќ, со кого последен пат настапуваа во Скопје пред две години.
– Сè ме потсетува на него – рече Џибони и ја испеа „Среќа“.
Поради густата магла викендов беа откажани сите летови на скопскиот аеродром. Џибони место со директен лет Загреб-Скопје, сменил три аеродроми за да стигне. Тој и дел од бендот полетале кон Виена, а од таму до Приштина, каде што им бил организиран превоз со комбе до Скопје. Другиот дел од бендот се качил на авион за Белград, па од таму до Скопје се снаоѓале.