Сцена
Шинед О’Конор „исчезна“ од Фејсбук
Ирската пејачка Шинед О’Конор „исчезна“ од Фејсбук, откако претходно објави неколку вознемирувачки пораки, од кои една гласеше: „Подобро сите да се молат да починам“.
Како што објавија американските медиуми, официјалната страница на Фејсбук на пејачката е недостапна, но засега не е познато дали Шинед самата го избришала профилот или тоа го направиле администраторите на социјалната мрежа.
Фејсбук минатата година времено го исклучи профилот на Шинед по нејзините најави дека ќе се обиде да изврши самоубиство со предозирање.
За време на викендот пејачката беше прогласена за исчезната, но неколку часа подоцна американската полиција соопшти дека О’Конор била пронајдена во едно предградие на Чикаго.
Пријателите и обожавателите веќе подолго време стравуваат за нејзиниот живот, имајќи ги предвид самоубиствените тенденции на пејачката, а најновото „исчезнување“ од Фејсбук само дополнително ги поттикна стравувањата.