МК Сцена
ШОУ ЗА ПАМЕТЕЊЕ: Димитри Вегас и Лајк Мајк го донесоа „Тумороуленд“ во Охрид (ФОТО + ВИДЕО)
Вистински спектакл му се случи на Охрид на отворањето на новото издание на фестивалот „Охрид колинг“ во организација на Авалон продукција.
На првата фестивалска вечер, која ги сруши рекордите на посетеност и беше домаќин на преку 10.000 луѓе, хедлајнери на бината беа познатото белгиско диџеј дуо Димитри Вегас и Лајк Мајк кои во Охрид дојдоа директно од нивниот сет на познатиот електронски фестивал „Тумороуленд“.
Тие останаа воодушевени од енергијата на македонската младина која неуморно танцуваше до раните утрински часови.
Димитри Вегас и Лајк Мајк неколкупати го поздравија Охрид и Македонија и ветија за повторна дружба.
Шоуто беше збогатено со неколкуминутен огномет и воодушевувачки пиротехнички и сценски ефекти кои на настапот му дадоа епитети како на големите европски и светски музички фестивали.
Од Авалон продукција најавуваат дека фестивалот продолжува и во наредните дена, а вечерва наместо Џекс Џоунс, кој во последен момент го откажал настапот, публиката ќе може да се забавува со Салваторе Ганачи и Роџер Санчез, а финалето е закажано за сабота, кога на главната фестивалска бина ќе настапи Армин ван Бјурен.