Шоубиз
Аргентинската полиција ја повика девојката на Лиам на сослушување
Продолжува истрагата за смртта на пејачот Лиам Пејн, поранешниот член на групата One Direction. Аргентинската полиција испратила покана за сослушување на девојката на Лиам, инфлуенсерката Кејт Кесиди.
Полицијата потврди за „Њујорк пост“ дека Кесиди не е осомничена за неговата смрт, но се надеваат дека таа може да даде дополнителен контекст. Кејт Кесиди ја напушти Аргентина само два дена пред трагичниот настан. Нејзин пријател потврдил дека Кејт ќе учествува во сведочењето.
– Ќе помогне колку што може. Таа сака вистинските луѓе да бидат притворени, а ако тоа значи да се одговори на нивните прашања, таа ќе го стори тоа. Секако, нема причина да не соработува. Долго време се обидувала да му помогне да се ослободи од зависноста, а она што се случило сè уште ја прогонува. Кој и да му ја дал дрогата на Лиам, треба да биде сослушан од судот – рекол неименуваниот извор.
Поранешниот член на One Direction почина на 16 октомври, откако падна од третиот кат на хотел во Буенос Аирес. Според извештаите на аргентинската полиција, пејачот кога паднал од балконот имал траги од комбинација од неколку дроги во телото, меѓу кои и „розов кокаин“.
Токсиколошкиот извештај откри траги од кокаин, бензодиазепини, крек кокаин и „розов кокаин“ кој е комбинација од метамфетамин, кетамин и МДМА. Неодамна двајца вработени во хотелот беа осомничени за неговата смрт, со што истрагата се прошири на пет лица. Еден од нив е рецепционерот Естебан Рејналдо Граси, кој повикал брза помош кога колабирал пејачот.