Шоубиз
БАФТА Награди 2023: Доминација на филмот „All Quiet On The Western Front“
Церемонијата на доделување награди на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА), во Лондон собра некои од најголемите холивудски ѕвезди, а исто така и принцот Вилијам и неговата сопруга, Кејт Мидлтон прошетаа на црвениот тепих.
Воената драма „All Quiet on the Western Front“, која е филмска адаптација на истоимениот роман на Ерих Марија Ремарк од 1929 година, беше апсолутен победник на вечерта со четиринаесет номинации и седум освоени статуетки, вклучително и за најдобар филм, најдобро адаптирано сценарио, најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и најдобар режисер (Едвард Бергер).
Остин Батлер беше прогласен за најдобар актер, победувајќи го фаворитот Колин Фарел. Наградата ја доби за улогата во биографскиот филм за Елвис Присли во режија на Баз Лурман. Актерот низ солзи му се заблагодари на семејството на легендарниот пејач чиј лик го толкуваше за поддршката и помошта, велејќи дека се надева дека ги направил горди.
Кејт Бланшет беше прогласена за најдобра актерка за улогата во „Tar“, единствената награда што ја доби филмот. Таа нагласи дека 2022 година била извонредна година за жените и дека оваа улога може да доведе до крај на нејзината кариера, со оглед на нејзината важност.
Филмот „The Banshees of Inisherin“, кој раскажува за крајот на едно машко пријателство на оддалечен ирски остров, освои четири статуетки – за најдобар британски филм, најдобро оригинално сценарио, најдобар актер во споредна улога за Бери Киган и најдобра актерка во споредна улога за Кери Кондон.
„Navalny“, филм за затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални, победи во категоријата документарен филм. „Pinocchio“ на режисерот Гиљермо Дел Торо беше прогласен за најдобар анимиран филм.
Целосната листа на добитници можете да ја погледнете тука.