Шоубиз
Елтон Џон сподели дека го изгубил видот
Елтон Џон вели дека сè уште не може да гледа, неколку месеци откако доживеа тешка инфекција на очите.
Говорејќи на сцената на гала изведбата на мјузиклот „The Devil Wears Prada: The Musical“ во Лондон, Џон му се заблагодари на својот сопруг Дејвид Фурниш за поддршката.
„Како што некои од вас можеби знаете, имав проблеми и сега го изгубив мојот вид. Не бев во можност да ја видам изведбата, но уживав во неа. Тешко ми е да ја видам, но сакав да ја слушнам и звучеше добро вечерва. Му се заблагодарувам на сопругот, кој е моја поддршка“, изјави Елтон кој е композитор на мјузиклот.
Во интервју за „Good Morning America“ минатата недела, Џон рече дека ова прашање влијаело на неговата способност за работа.
„За жал го изгубив видот на десното око во јули бидејќи имав инфекција на југот на Франција и веќе четири месеци не можам да гледам, а моето лево око исто така не е најдобро“, рече тој.
„Значи, има надеж и охрабрување дека ќе биде во ред, но… некако сум заглавен во моментот, бидејќи можам да направам нешто вакво (интервјуто), но да одам во студио и да снимам, не знам , затоа што не можам да го видам текстот за почеток“.
Џон, кој има 77 години, првпат јавно проговори за својот проблем со видот во септември, кога на својот профил на Инстаграм сподели: „се соочувам со тешка инфекција на окото, која за жал ми остави само ограничен вид на едното око“.
„Заздравувам, но тоа е екстремно бавен процес и ќе биде потребно извесно време пред да се врати видот на погоденото око“, напиша Џон, пред да му се заблагодари на одличниот тим на лекари и медицински сестри и на семејството што се грижат за него.
Додека Џон официјално се пензионираше од турнеите во 2023 година по децении настапување во живо, тој ја напиша музиката за „The Devil Wears Prada: The Musical“. Се базира на романот на Лорен Вајсбергер од 2003 година, кој исто така беше претворен во филм во 2006 година.