Карлеуша го пријави сопругот за семејно насилство, тој доби забрана за приближување
Српската пејачка Јелена Карлеуша (43) го пријавила сопругот, фудбалерот Душко Тошиќ (36) за семејно насилство, пренесуваат српските медиуми.
Тошиќ наводно и удрил шамар на сопругата за време на семејната прослава на православниот Божиќ. Таа одбила лекарска помош, а на нивната адреса пристигнала и полицијата од станицата Савски Венац.
Откако Јелена Карлеуша го пријавила Душко Тошиќ за семејно насилство, Душко бил приведен во полициска станица каде дал изјава и му е забрането приближување. Изјава дала и тетката на Јелена, пишува порталот Курир.
По дадените изјави и направените проценки од полицијата, на Душко му е изречена итна мерка забрана за приближување и комуникација со Јелена во траење од 48 часа во кои мерката ќе биде доставена до обвинителството за да процени дали има потреба за продолжување.
Тошиќ на инспекторите во полициската станица им рекол дека е шокиран бидејќи Јелена пријавила такво нешто во полиција.
-Јелена не ја удрив, не ја ни допрев, единствено е вистина дека се расправавме. Во брак сме долго време, јас сум посветен сопруг и татко. Најтешко ми е што наместо денес да бидам со децата и да го поминам празникот дома, поради пријавата на сопругата сум во ситуација да седам во полициска станица. Шокиран сум од тоа што ми се случува, не можам да разберам што ми се случи – рекол Душко.
На сослушувањето присуствуваа и неговите адвокати Небојша Перовиќ и Никола Премовиќ. Перовиќ за Курир потврди дека Душко Тошиќ негирал дека бил насилен кон сопругата.
– Мојот клиент негира дека извршил какво било насилство. Полицијата постапила по пријавата на г-ѓа Јелена Карлеуша – кратко изјави Перовиќ.
Да потсетиме, ова не е прв пат Јелена да го пријави Душко во полиција. Имено, пејачката пред две години изјавила дека Тошиќ психички ја малтретирал и дека и ја вртел раката, додека тој сето тоа го негирал и рекол дека се расправале бидејќи имале несогласувања во бракот. Пејачката подоцна се предомислила и не сакала да го гони.