Шоубиз
Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал
Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна „Златна палма“ на церемонијата на отворањето на Канскиот филмски фестивал на 14 мај, соопштија организаторите.
Холивудската ѕвезда – која ја доби наградата за најдобра актерка во Кан во 1989 година за нејзината изведба во „Evil Angels“ на Фред Шепси – ќе помогне во започнувањето на 77-то издание во театарот Лумиер.
„Неизмерно ми е чест што ја добив веста за оваа престижна награда. Да се добие награда во Кан, за меѓународната заедница на уметници, отсекогаш претставувало највисоко достигнување во филмската уметност. Да се застане во сенката на оние кои претходно биле почестени е подеднакво понизно и возбудливо. Со нетрпение очекувам да дојдам овој мај во Франција за да им се заблагодарам на сите лично!“, вели во соопштението Стрип.
Таа ќе се врати на францускиот фестивал по прославената кариера во Холивуд повеќе од пет децении. „Сите ние имаме нешто во себе од Мерил Стрип! Сите имаме нешто во нас од Крамер против Крамер, Изборот на Софи, Надвор од Африка, Мостовите на округот Медисон, Ѓаволот носи Прада и Мама Миа! Бидејќи таа опфати речиси 50 години кино и отелотвори безброј ремек-дела, Мерил Стрип е дел од нашата колективна имагинација, нашата заедничка љубов кон киното“, се вели во соопштението на организаторите на фестивалот.
Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Kramer vs. Kramer“ (1980), „ Sophie’s Choice“ (1983) и „ The Iron Lady“ во 2012 година.
Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови.