Шоубиз
Познати првичните резултати од обдукцијата на Метју Пери
Метју Пери не умрел од предозирање со фентанил или метамфетамин, пренесува TMZ.
Станува збор за две тешки дроги – фентанил се нарекува дрога „зомби“ која наводно е полоша од хероинот, додека метамфетаминот е синтетичка дрога, позната и како „кристал мет“.
Првите обдукциски тестови покажаа дека славниот Чендлер од „Пријатели“ немал ниту еден од овие две дроги во својот систем.
Сепак, TMZ наведе дека е важно да се забележи дека сè уште се спроведуваат подетални тестови како дел од токсикологијата за да се анализира дали се присутни други нелегални лекови во неговата крв и дали нивоата на лековите кои се издаваат на рецепт биле во штетни дози. За тие резултати најверојатно ќе бидат потребни од 4 до 6 месеци, а кога ќе се соберат сите тие податоци, судскиот вештак ќе ги утврди причината и начинот на смртта.
Да потсетиме, Метју почина на 28 октомври на 54-годишна возраст, во џакузито на својата вила во Лос Анџелес.
Екипата за итна помош добила повик во 16 часот и 7 минути, по што дошле во куќата на актерот и ја констатирале неговата смрт.
Актерот тој ден наводно два часа играл Пиклбол, кој го играл речиси секој ден, а потоа наводно го испратил асистентот да заврши нешто. Кога асистентот се вратил, Пери бил во џакузито, но не реагирал. Лекарите се обиделе да го спасат, но обидите да го оживеат биле неуспешни и на местото на настанот бил прогласен за мртов поради „привидно давење“, но не бил пренесен во болница, пренесоа светските медиуми.