Шоубиз
Селена Гомез се сврши: „Нашето засекогаш започнува сега…“
По една и пол година врска, музичкиот продуцент Бени Бланко реши да ја запроси својата девојка, пејачката и актерка Селена Гомез. Гомез го покажа својот голем дијамантски веренички прстен на Инстаграм, со наслов: „Нашето засекогаш започнува сега…“.
Се чини дека Бланко го поставил прашањето за време на романтичен ноќен пикник, а многу ѕвезди покажаа задоволство од среќната вест, како раперката Карди Би, актерките Џенифер Анистон, Гвинет Палтроу и Оливија Вајлд и најдобрата пријателка на Гомез, пејачката Тејлор Свифт.
„Еј, чекај… тоа е мојата сопруга“, коментираше Бланко, а многу фанови беа трогнати од неговиот коментар. Инаку, Селена Гомез (32) и Бенџамин Левин (36), како што е вистинско име на продуцентот, се во врска од јули 2023 година, но врската ја потврдија дури во декември, кога актерката откри дека скоро шест месеци тајно се забавувала со Бланко, кој и е „апсолутно се“.
Оваа година е навистина фантастична за Селена на професионален и на приватен план. Гомез годинава беше двојно номинирана за Еми наградите каде ја доби и својата прва актерска номинација, пред само неколку дена исто така беше двојно номинирана за наградите Златен глобус за својата работа во серијата „Only Murders in the Building“ и еден од најзборуваните филмови годинава „Emilia Pérez“. Критичарите предвидуваат дека споредната улога во овој филм може да и ја донесе и првата номинација за Оскар на Селена.
Селена го додаде и статусот милијардер на долгата листа на своите достигнувања. Според извештајот на Блумберг, нејзината нето вредност се проценува на 1,3 милијарди долари и на тој начин стана една од најмладите милијардери во САД кои сами го стекнале своето богаство. Дел од богатството на ѕвездата доаѓа од пеење, партнерства со брендови и глума, но „огромниот дел“ од нејзиното богатство е врзан за „Rare Beauty“, нејзината популарна козметичка компанија. Оваа американска мега ѕвезда е најследена жена вкупно на сите платформи во светот.