Шоубиз
Тејлор Свифт ја продолжи турнејата во Лондон, на сцената ѝ се придружи Ед Ширан
Светската поп сензација Тејлор Свифт (34) го одржа првиот од петте закажани концерти на стадионот Вембли во Лондон, една недела по откажувањето на нејзините концерти во австриската престолнина Виена.
За потсетување, организаторите поради терористичката закана решија да ги откажат сите три концерти планирани во Виена на 8, 9 и 10 август, а нејзините обожаватели се собраа на улиците на Виена и ги пееја хитовите на Тејлор Свифт.
Како гостин на концертот во Лондон, на Тејлор ѝ се придружи и Ед Ширан. Заедно тие пееја сплет од песни составен од „Everything Has Changed“, „End Game“ и „Thinking Out Loud’“.
– Тој ми е како втор брат – рекла пејачката за Ед.
Меѓу познатите личности на концертот во Лондон беше и англискиот актер Идрис Елба (51).
Таа ѝ се заблагодари на публиката од 92.000 луѓе што вложиле напори да присуствуваат, што вклучувало зголемени безбедносни мерки.
Таа на концертот не ги спомна откажаните концерти во Виена, ниту трагедијата во која загинаа три деца во Саутпорт. Сепак, Би-Би-Си јавува дека Тејлор приватно разговарала со семејствата на жртвите од ужасниот напад во Саутпорт.