Шоубиз
Три лица обвинети за смртта на Лиам Пејн
Три лица се обвинети во врска со смртта на ѕвездата на One Direction, Лиам Пејн, соопштија аргентинските власти.
Пејачот почина на 16 октомври откако падна од балконот на третиот кат на хотел во Буенос Аирес.
Аргентинското обвинителство соопшти дека едно лице, кое го придружувало Пејн, е обвинето за „напуштање на лице проследено со смрт“. Обвинети се и вработен во хотел и трето лице за снабдување со дрога. Никој од уапсените не е именуван.
Пејн (31), татко на едно дете, стана едно од најпрепознатливите имиња во поп музиката откако се појави на X Factor и се прослави со бендот One Direction во 2010-тите.
Аргентинските власти ги истражуваа последните денови на Пејн во хотелот КазаСур.
По смртта на пејачот, полицијата пронашла супстанци во неговата хотелска соба и уништени предмети и мебел. Персоналот на хотелот упатил два повици до службите за итни случаи велејќи дека има гостин кој земал „премногу дрога и алкохол“ и дека „ја уништува целата соба“, беше претходно објавено.
Во четвртокот, канцеларијата на јавното обвинителство соопшти дека токсиколошките тестови откриле траги од алкохол, кокаин и препишан антидепресив во неговото тело. Со посмртниот преглед, причината за неговата смрт е „повеќекратна траума“ и „внатрешна и надворешна хеморагија“, како последица од падот од балконот на хотелот.
Според обвинителството, медицинските извештаи исто така сугерираат дека Пејн можеби паднал во состојба на полу или целосна несвест. Обвинителството вели дека ова ја исклучува можноста за свесно или доброволно дејствие од страна на Пејн, а тие заклучиле дека пејачот не знаел што прави, ниту пак имал разбирање за неговите постапки.
Покрај тоа, властите извршија девет рации на куќи во Буенос Аирес.
Тие продолжуваат да го истражуваат скршениот лаптоп на Пејн и другите запленети уреди.
Обвинителството додаде дека прегледало повеќе од 800 часа видео снимки од безбедносните камери во хотелот и на јавните патишта и добило десетици сведочења од персоналот на хотелот, членови на семејството, пријатели и медицински работници.
Телото на пејачот беше предадено на неговото семејство во средата за да биде пренесено назад во Велика Британија.