Шоубиз
Виола Дејвис влезе во клубот ЕГОТ: По Еми, Тони и Оскар, таа освои и Греми
Актерката Виола Дејвис се приклучи на ретката листа на ѕвезди од шоубизот кои имаат добиено Еми, Греми, Оскар и Тони, таканаречените EGOT, откако ја освои престижната награда Греми за најдобра аудио книга, нарација и раскажување приказни.
Дејвис (57) освои Греми за аудио верзијата на нејзините најпродавани мемоари во 2022 година, „Finding Me“.
„Ја напишав оваа книга во чест на шестгодишната Виола“, рече таа на церемонијата пред доделувањето на наградите во Лос Анџелес.
„Да оддадам чест на нејзиниот живот, нејзината радост, нејзината траума, сè. И, тоа беше само едно такво патување – само што станав ЕГОТ!“
Дејвис победи прилично импресивна конкуренција: комичарот Мел Брукс, кој веќе има ЕГОТ статус, композиторот и актер Лин-Мануел Миранда кому само му недостасува Оскар, како и актерот Џејми Фокс, добитник на Оскар и Греми, и музичарот Questlove.
Дејвис освои Оскар за најдобра споредна женска улога во 2017 година за филмот „Fences“. Таа доби Еми за најдобра главна актерка во драма за нејзината глума во серијата „How to Get Away with Murder“ во 2015 година. Виола има и две награди Тони за нејзината театарска работа – актерка во претставата „King Hedley II“ (2001) и главна актерка во претставата „Fences“ (2010).
Дејвис е 18-тиот човек кој го освоил ЕГОТ. Последна пред неа беше Џенифер Хадсон во 2021 година.
Меѓу другите почестени се актерите Вупи Голдберг и Рита Морено, композиторот од Бродвеј, Ендрју Лојд Вебер и пејачот Џон Леџенд.