МК Сцена
„СИМНУВАМЕ КАПА“: Со гламурозен црвен тепих започна 39-та филмска магија во Битола (ФОТО)
Филмската дива Клаудија Кардинале и Оскаровецот Роџер Дикинс беа главните ѕвездите на црвениот тепих на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“, кој овие денови ќе стане центар на филмскиот свет.
На црвениот килим и на свеченото отворање, Роџер Дикинс се појави со елегантен костум, и со црна маица со логото на фестивалот, битолчани тоа го забележаа и го замолија да го фотографираат, а тој со задоволство и стрпливо позираше во маицата на „Браќа Манаки“.
Со перформансот во режија на Срѓан Јаниќијевиќ во Центарот на културата во Битола, фестивалот го означи за отворен актерката Јелена Јованова која заедно со балерината Ивана Коцева и пијанистката Дуња Иванова успешно ја доловија филмската магија, под мотото на фестивалот „Симнуваме капа“.
Полната сала во Центарот за култура, со стоечки аплаузи ги поздрави годинашните лауреати меѓу кои и македонската актерка Милица Стојанова која е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.
На свеченото отворање наградата златна „Камера 300“ за животно дело му беше доделена на британскиот кинематографер, оскаровето Роџер Дикинс. Дикинс се заблагодари за наградата, која му ја даде директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска.
– „Можеби ќе звучи како клише, но морам да кажам дека овде се чувствувам како да сум на погрешната страна од камерата, повеќе би сакал да сум зад камерата. Многу ми е драго што сум дел од оваа историја, затоа што познавам многу луѓе, мои пријатели кинематографери што биле тука и конечно и јас усепав да дојдам на овој фестивал“ – рече Дикинс.
Наградата златна „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност ѝ беше доделена на филмската дива Клаудија Кадинале.
– „Му благодарам на фестивалот што ми ја додели оваа награда“ – изјави Кардинале. Актерката со 150 улоги зад себе играше во некои од најпознатите остварувања во историјата на филмот, а интернационалната слава и ја донесоа филмовите „Пинк Пантер“, „Беше еднаш во Америка“, „Девојката со куферот“ и други.
Со многу емоции и аплаузи на бината беше испратена и македонската актерка Милица Стојанова, која ја доби наградата Големата ѕвезда што ја доделува Друштвото на филсмките работници.
На македонската актерка Милица Стојанова, која годинава е лауреат на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија, наградата и’ ја врачи Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ.
-За нешто помалку од две години Друштвото на филмските работници на Македонија ќе прослави 70 години постоење, а за само една година од денеска ќе прославиме 40 години од нашиот најврвен приоритет и најголем проект, филмскиот фестивал„Браќа Манаки“. „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ досега беше привилегија на оние кои блескаат зад големото платно. Оваа година направивме исклучок. Наградата ја доделуваме на актер и тоа на некој што и покрај целата стигматизација на жената во балканските, посебно во македонската кинематографија успеа да блесне на големото платно, рече Игор Иванов, директор на Друштвото на филмските работници на Македонија, кој го врачи признанието.
Заблагодарувајќи се за добиеното признание, Стојанова истакна дека ДФРМ усшеале да го согледаат нејзиниот труд пред камерата и така да стане лауреат на оваа престижна награда.
-Оваа награда многу ми значи затоа што се разликува играта пред камера од театарот, но таа е еднаква по уметничкиот предизвик. Им благодарам на сите филмски режисери и телевизиски режисери ко ми пружија можност да се сплотам со животот на разни луѓе пред камерите, рече Стојанова.
Претседателот Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивал не беше во можност да присуствува на Фестивалот и со телеграма им честиташе на сите добитници на наградите од светот на филмот, а на филмофилите им посака исполнет престој во Битола и незаборавни мигови пред филмското платно.
По доделување на наградите беше прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов Изи, а веднаш потоа, филмот „Истребувач 2049“.
39-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се одржува под слоганот „Симнуваме капа“, а во 14 фестивалски програми ќе бидат прикажани 95 филма. За трите награди, златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ за најдобар кинематографер ќе се натпреваруваат 12 филма во официјална конкуренција, по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре.
Фестивалот ќе заврши на 29 септември со доделување на наградите од главната програма, а одлуката ќе ја донесе петчелно меѓународно жири, предводено од кинематограферката од Грција, Олимпија Митилинау. Фестивалотт ќе се затвори сопроекцијата на филмот „Црниот Кју-кју клановец“ во режија на Спајк Ли и со краткиот филм „Скаут“ на Алекс Цветков, режисер од македонско потекло кој живее во САД.