МК Сцена
Скопје ќе танцува на плажа на годинешниот фестивал „Sound of Green“
Пред официјалниот старт на летото Пакомак и Password Production најaвуваат одлични музички настапи на 17 јуни сабота, во „Бла Бла Клуб“ кај Градската плажа – Парк, кои ќе се оддржат во рамките на фестивалот „Sound of Green“.
Настанот е закажан за 20 часот, а ќе настапат пет бендови и артисти и тоа: Contact 59, Funk Shui, Да Џака Накот, String Forces, Dj Slave и Game Over.
Фестивалот покрај богатата музичка програма има своја оригинална цел, а тоа е да ја подигне еколошката свест и да им покаже на младите дека собирањето на амбалажниот отпад може да биде забавна и корисна работа, па така за секоја влезница посетителите треба да донесат три пластични шишиња.
– „Оваа пракса каде ја спојуваме музиката со селектирањето на амбалажниот отпад ја применуваме веќе неколку години по ред и резултатите се повеќе од одлични. Нашата крајна цел не е само да собереме што повеќе пластични шишиња туку да им покажеме на младите дека селектирањето на отпадот може да биде составен дел од секојдневието па дури и кога одите на музички концерт. За да ја смениме и подигнеме свеста за околината потребно е да се дејствува во сите можни правци и да ги анагажираме сите старосни групи бидејќи секој од нас мора да поседува еколошка одговорност како кодекс на однесување.“, вели Филип Ивановски , извршен директор на Пакомак.
Пластичните шишиња треба да се однесат на пултовите на Пакомак пред влезот на „Бла Бла Клуб“ – Јавен Алтернативен Простор на кеј, пред почеток на концертот на 17 јуни.