МК Сцена
СКОПЈЕ ЗА БОУВИ: Во Градскиот парк се одржа „Види музика, слушни слика, добиј книга“ (ФОТО)
Вчеравечер, 23 јуни (четврток), во Градскиот парк се одржа традиционалниот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ во организација на Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар.
Годинава манифестацијата „ВИДИ МУЗИКА, СЛУШНИ СЛИКА, ДОБИЈ КНИГА“ којашто се одржува веќе девет години, беше посветена на британската музичка легенда Дејвид Боуви, односно Македонска филхармонија изведе дел од многубројните негови хитови.
Македонската филхармонија под диригентство на маестро Емин Џијан изведе познати композиции на Боуви, кои овој пат добија поинаков и автентичен израз. Освен Македонската филхармонија во изведбите на хитовите учествуваше и бенд, како и Женскиот хор при МКЦ.
Публиката и годинава имаше можност да ужива во творењето, испирирано од познатите хитови на оваа музичка ѕвезда, на афирмираните ликовни уметници Ивана Младеновска и Агрон Абдули.
На многубројната публика им беа поделени и 20 илјади примероци од книгата „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ на Мери Финиган. Во книгата се раскажани самите почетоци на кариерата на Боуви, кога како 22-годишен музичар очајно се обидувал да најде некој клуб во Лондон, каде што би можел да настапува. Мери Финиган пишува во прво лице, како тогашна негова пријателка и љубовница и дава директни сведоштва за периодот на Боуви за кој досега сме знаеле многу малку.