Настани
Скопското Кале во глобалната видео реклама за Часот на планетата Земја!
Како што започнува одбројувањето до најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, денеска тимот на ова движење официјално го промовираше глобалното видео од светската маркетинг кампања во кое се појавуваат и неколку инсерти од Македонија!
Три минутното видео во кое главна музичка тема е интернационалниот хит „The Nights” на Avicii ја прикажува моќта која секој од нас ја има за да ги промени климатските промени.
Поради актуелноста и успешноста на акцијата минатата година во Македонија, глобалниот тим реши да вметне инсерт од исклучувањето на осветлувањето на скопската тврдина Кале во рекламата која ја гледа целиот свет, а истото можете да го видите во 1:10 минута од видеото.
Исто така, во видеото можете да видите и неколку инсерти од минатогодишното одбележувањето на Часот на планетата Земја на улица Македонија (1:25 и 1:35 минута), децата од интернационалната британска градинка во Македонија (2:31 минута), како и учениците од средното училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес (2:42 минута).
Во продолжение погледнете ја официјалната видео реклама:
Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 19 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 7.000 града низ 170 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.
– „Оваа година, под мотото „Заблескај светлина на климатските промени“, кампањата се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека сите ние ја имаме моќта да направиме промена, односно обединети да ги промениме климатските промени“ – изјави Ѓорги Селков, иницијатор на акцијата во Македонија и претседател на Здружението за заштита на животната средина „Часот на планетата Земја“.
Македонија годинава во акцијата ќе се вклучи по седми пат.
– „Ме радува тоа што глобалниот тим кој ја организира оваа акција го препозна трудот кој го вложуваме за Часот на планетата Земја во Македонија и реши повторно да нѐ изненади со вметнување на повеќе инсерти во светски објавената видео реклама која се користи за промоција на акцијата. Освен тоа, и престижниот Њујорк Тајмс на почетокот на месец март ќе објави интервју поврзано со одржувањето на оваа акција во Македонија. Сметам дека освен што пренесуваме силна порака за спас на планетата, оваа акција претставува и одлична можност за промоција на нашата земја!“ – додава Селков.
Од Здружението „Часот на планетата Земја“ најавуваат повеќе детали за овогодинешната акција во периодот кој следува.
– „Земајќи го предвид фактот дека на светско ниво, ова е десетта, јубилејна година како се одржува Часот на планетата Земја, во наредниот период ќе најавиме голем број информации поврзани со одржувањето на акцијата во Македонија, ќе ги објавиме локациите кои ќе потонат во мрак, но исто така ја користам оваа пригода и да го најавам големиот награден конкурс кој го подготвуваме, преку кој ќе наградиме голем број граѓани и училишта со енергерски ефикасни светилки за својот дом. Повеќе информации граѓаните можат да пронајдат на нашата фејсбук страница и на официјалниот веб сајт www.earthhour.mk “ – завршува Ѓорги Селков.
Инаку, Часот на планетата Земја претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.