МК Сцена
СКРОМЕН ВО БАРАЊАТА: „Ем енд ем“ бонбони и алкохол на рајдер листата на Мартин Гарикс!
Сѐ е подготвено за утрешната кулминација на „Скопје колинг“ каде ќе настапи најжешката глобална ѕвезда во моментов, диџејот Мартин Гарикс.
Организаторите на фестивалот, Авалон продукција, велат дека за утрешниот настап на број 1 диџејот ќе има најдобро музичко озвучување и сценска продукција, но и ексклузивно за Популарно.мк ја открија рајдер листата на овој млад продуцент.
– „Побарувањата се скромни за разлика од другите ѕвезди со кои сме соработувале. Мартин побара многу вода, овошје и сокови, грицки, „ем енд ем“ бонбони и многу алкохол, виски, водка и текила!“ – вели Ивана Нолчева од Авалон продукција.
Инаку екипата на Мартин Гарикс веќе е дојдена во Скопје за да ги направи последните сценски и технички проверки пред утрешниот настап.
– „Екипата на Мартин Гарикс пристигна во Скопје! Во моментов имаат состанок на стадион, со нашите стејџ и продукциски менаџери. И оваа година ќе го имаме најсовремениот звук на светот за Скопје колинг, системот за озвучување EAW ANYA.“ – велат од Авалон.
Интересно е тоа што Мартин Гарикс доаѓа во Скопје директно од својот дом во Амстердам, каде направи тридневна пауза од актуелната турнеја, а од нашиот главен град веднаш заминува за Париз, каде следниот ден има дури два настапи.
– „За жал Мартин е многу зафатен и ќе нема време за средба со фановите, ниту за промоција со новинарите.“ – кратко изјави неговата менаџерка за односи со јавност за Популарно.мк.
Мартин во ексклузивно интервју за нашиот медиум, кое можете да го прочитате на следниот линк, изјави:
– „Скопје колинг ќе биде навистина голема забава! Ќе биде лудница, не се сомневајте! Ова е мое прво гостување во Скопје и морам да оставам добра импресија. Јас и мојот тим секогаш се трудиме да правиме спектакуларни шоуа, па се надевам дека моите фанови во Македонија ќе бидат задоволни и присутни во голем број.“
Освен Мартин Гарикс, на утрешниот „Скопје колинг“ ќе настапат и локалните диџеи Дуос и Александар Галоски, како и специјалниот гостин Џекс Џоунс. Концертот започнува во 20 часот.
Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.