Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Со премиера на „Три дена во септември“ почнува „Синедејс“

МК Сцена

Со премиера на „Три дена во септември“ почнува „Синедејс“

Со премиера на филмот „Три дена во септември“ на македонскиот режисер Дарјан Пејовски вечер во киното Милениум ќе биде отворен 14.Фестивал на европски филм Синедејс. Филмот е во селекција за една од наградите во Официјалната програма.

„Три дена во септември“ е психолошки трилер, во кој двата главни женски лика преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми. Бегајќи од своето минато, Марика ја запознава Јана, која патува кон куќата од нејзиното детство, сместена во изолиран планински крај. Тоа е совршено засолниште за Марика, се додека не се појави локалниот полицаец Генц, кој ќе поттикне сомнеж за вистинските намери на двете жени.

Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Милица Стојанова, Салаетин Билал, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Крјезиу, Ментор Зимберај, Блерим Черичи.

Сценариото го напишаа Даријан Пејовски и Игор Иванов, директор на фотографија е Димо Попов, Александар Пејовски е композитор на оригиналната музика, монтажа – Владимир Павловски, дизајн на звук – Игор Поповски, сценограф е Снежана Поњавиќ-Муча, костимографијата е на Емилија Ивановска-Атанасовска, шминка на Симона Ристевска. Продуцент на филмот е Томи Салковски.

Фестивалот Синедејс, кој ќе трае до 21 ноември, нуди повеќе од стотина филмови селектирани во неколку програми: официјална програма, СинеБалкан, Гала програма, музички документарци, летонски и македонски кратки филмови и богата придружна програма од работилници, концерти и панел дискусии.

Фестивалот ќе биде затворен на 21 ноември во киното Милениум со филмот „Шишка Делукс”, македонска копродукција во режија на Јан Цвитковиќ.

Во официјалната програма и програмата СинеБалкан ќе бидат прикажани филмови на млади режисери. Ќе се одржи и меѓународна панел дискусија на тема „Миграции, со професори по социологија, политички науки и филм од регионот и Европа“.

Во Гала програмата се најнаградуваните и најпознатите режисери во 2015 година: Томас Винтерберг со „Далеку од безумната толпа“, Сузан Биер со „Втора шанса“, Паоло Сорентино со „Младост“, Матео Гароне со „Приказна над приказните“, Александар Сокуров со „Франкофонија“, Никота Михалков со „Сончаница“, Вим Вендерс со „Се ќе биде во ред“ и тоа во 3D, Нани Морети и „Мојата мајка“, Вуди Ален со „Ирационален човек“, како и канскиот победник „Дипан“ на култниот Жак Одијар.

Ќе бидат прикажани и документарниот филм за пејачката Ејми Вајнхаус „Аmy“, „Страста и звукот во Западен Берлин 1979-1989“, филм кој музички ја опишува последната декада од овој град пред паѓањето на ѕидот, филмот за македонската хип хоп сцена „Сложувалка“, документарниот филм посветен на култната музичка група „Morphine“ насловен „Патување од соништа“, потоа „Кучешко срце“, концептуален филм на Лори Ендерсон итн.

Во рамки на концертната понуда на Фестивалот утре ќе настапи британскиот тек хаус диџеј Тери Френсис, на 16 ноември ќе настапи легендарниот хип хоп артист диџеј Премиер, а за љубителите на инди-рок музиката ќе настапат монтреалскиот дистописки арт-панк колектив Suuns и Jerusalem in my heart.

Ќе се одржат и работилница за развој на сценарија од наградуваниот консултант и сценарист Роелоф Јан Минебо, работилница посветена на ориенталната музика во филмот од проф.Берак Таранч, предавање од проф. Вилијан Браун за умешноста на снимање филм без буџет, како и предавање на проф. Сали Салији за филмската уметност и консумеристичкото општество.

Наградите на Фестивалот се во висина од по 5.000 евра за најдобар филм во официјална конкуренција и најдобар филм во СинеБалкан конкуренција.

Цената на билет е 150 денари за проекциите во киното Милениум, 100 денари за програмата во киното Фросина, а проекциите во Џебното кино се бесплатни. Годинава за средношколците и студентите ќе има 50 отсто попуст за секој билет.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.