Интернет
Со првиот бран изведувачи на Sea Star стигнуваат Hurts, Robin Schulz, хитмејкери и силна рап екипа!
Ланското, премиерно издание на Си Стар фестивалот, новата истарска ѕвезда од регионалната ЕГЗИТ фамилија, од стартот ги надмина сите очекувања и привлече повеќе од 50.000 луѓе во магичната лагуна Стела Марис во Умаг.
Со првиот бран на овогодишниот фестивал, кој ќе се одржи од 24-ти до 27-ми мај, стигнуваат не морски, туку вистински музички ѕвезди и еден од најдобрите концертни бендови на денешницата „Хртс“ (Hurts), кои публиката ги изгласа за бенд со најдобар настап на гигантскиот Гластонбери, и тоа пред бендови како што се „Ју-Ту“ и „Колдплеј“!
Со нив стигнува и хитмејкерот Робин Шулц (Robin Schulz) кои ги „тресе“ главните бини ширум Европа, а кој уште сега го прогласуваат за наследник на фамозниот Дејвид Гета поради истото умеење да направи врвна журка, но и на секои пар месеци да создаде нов хит! А за хитовите уште сега да се бројат во десетици, тука е и жешкото лондонско трио „Дисајплс“ (Disciples), како и француското дуо со заразни песни „Офенбах“ (Ofenbach)! За журката да биде уште поинтензивна, покрај танцувачките, ќе не затресат и хип-хоп ритмите на одличната екипа која ја водат загрепските великани Трам 11, балканскиот рап татко Едо Маајка, како и единствената вистинска хип-хоп „мама“ Сајси Ем-Си, омилените далматински „Дјечаци“ и неприкосновениот сплитски победник Крешо Бенгалка.
Способноста на британскиот двоец „Хртс“ успешно да ја евоцира романтиката од 80-тите во современиот формат, никого не остава рамнодушен, а тие настапуваа и на сите водечки фестивали како што се Гластонбери, Рок ам Ринг, Фуџи Рок или Егзит! Нивниот настап на Петроварадин во 2014-та како и на Си Денс во 2016-та распамети десетина илјади присутни кои на глас ги пееја најголемите хитови како „Wonderful Life“, „Miracle“, „Stay“, „Sunday“, „Illuminated“, „Lights“, „Some Kind Of Heaven“ и многу други. Здружените Тео Хачкрафт и Адам Андерсон веќе со првиот албум „Happiness“ ја освоија титулата за најбрзо продаван британски албум во 2010-та година и остварија соработка со Кајли Миног и Келвин Харис.
Наследникот „Exile“, го повтори успехот влегувајќи меѓу топ 10 албумите ширум Европа, а третиот албум „Surrender“ им ја прошири публиката во останатите делови од светот. Неодамна објавениот албум „Desire“ од кој последниот сингл „Ready To Go“ бележи милиони прегледувања на „ЈуТјуб“, го поведе манчестерскиот феномен на нова светска турнеја која овој мај стигнува и во Хрватска.
Владетелот на танцувачките подиуми на денешницата, германскиот диџеј и продуцент Робин Шулц, секоја трака на која ќе и пристапи ја претвора во злато. Светскиот пробив му го донесе ремикс синглот „Waves“ во 2014-та година со кој заработи дури и Греми номинација. Истата година го објави и дебитантскиот албум „Prayer“ од кој на светските топ листи се лансираа мега хитовите „Prayer in C“ и „Sun Goes Down“, додека вториот албум владее со синглот „Sugar“ кој бележи повеќе од 350 милиони „ЈуТјуб“ прегледувања!
Талентираниот Германец, на чија листа на соработници се наоѓаат Моби, Дејвид Гета, Џејмс Блант и други великани кои во документарниот филм за Шулц имаат само пофални зборови, денеска е ѕвезда на главните фестивалски бини. Последниот албум „Undercover“ (2017) продолжува со подеднакво заразно темпо да граби кон топ позициите пред сѐ со хит синглот „ОК“, додека најсвежата нумера „Unforgettable“ е вистинска најава за неговиот настап на Си Стар фестивалот.
Лондонското трио Дисајплс експлодира со хитот „How Deep Is Your Love“ изработен во соработка со Келвин Харис. По синглот кој во моментов надминува милијарда прегледувања на „ЈуТјуб“, ги препозна и поддржа легендарниот Пит Тонг од Би-Би-Си, по што со молскавична брзина се пробија на светската сцена.
Членовите на триото Дувал, Лук Мак и Гавин Кол самите ја пишуваат, пејат и продуцираат својата музика, а истакнато место на листите им оствари еден од најслушаните синглови во 2017-та, „On My Mind“!
Какво е чувството својата музика да ја слушаш на секој агол, одлично знае францускиот диџејски дует Офенбах без чиј хит „Be Mine“ невозможно беше да се замисли изминатото лето! Идејата да го спојат рокабили звукот со хаус музиката внесе вистинска свежина во летните месеци, а нивниот актуелен хит сингл „Katchi“ ги грее зимските денови како во моментов една од светски најбараните песни на „Шазам“!