МК Сцена
СОВРЕМЕН ТАНЦ И ВРВНА ТЕХНОЛОГИЈА: Со светската атракција „Пиксел“ беше отворен 13. „Танц фест“ (ФОТО)
Примабалерината во пензија Јагода Сланева ја доби наградата „Менада“ за особен придонес за развојот на танцот која традиционално ја доделува Фестивалот за современ танц „Танц фест“. Наградата и беше врачена вчеравечер на отворањето на 13.„Танц фест“ во Македонскиот народен театар.
– „Танц фестот“ во Македонија доби во културата врвно место во 13-те години постоење, благодарејќи на неговата директорка Рисима Рисимкин, на разновидниот репертоар, на сето она што е ново, така што овој фестивал е веќе познат и за него има интерес и во Европа, Затоа, кога дознав дека сум добитник на наградата „Менада“, за мене тоа беше голема радост и голема чест, зашто „Танц фестот“, кој овде го носи новото, им ја доделува на луѓе кои се занимавале со балетската уметност, истакна Сланева.
Како примабалерина таа го носеше железниот репертоар на класичната балетска уметност во Македонија. Во меѓувреме станала педагог репетитор во Македонскиот народен театар и кореограф на многу претстави.
По доделувањето на наградата, фестивалот почна со француската претстава „Пиксел“ во кореографија на Мурад Мерзуки – во продукција на Националниот кореографски центар во Кретел и Вал-де-Марне.
Таа во моментов е светска атракција – спој на современ танц, хип хоп и врвна технологија на сцена. Со оваа претстава во Скопје, Франција ја отвора сезоната FranceDance Orient Express на Балканот. Гостувањето е поддржано од Францускиот институт од Скопје и Париз и Театроскоп.
Со оваа претстава почна дваесетдневната програма на 13. „Танц фест“ која под мотото „Биди свој!“ до 25 април ќе се одржува во Скопје (во МНТ и на сцената ЗЕБРА) и во театарот „Џинот“ во Велес.
Организаторот, Скопје танцов театар, најави интересни настани и претстави, со учество на уметници од Франција, Швајцарија, Кина, Словенија, Летонија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Русија, Чешка и од Македонија.