МК Сцена
Спуштена завесата на 14. издание на Пивофест во Прилеп (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Вчеравечер и официјално беше спуштена завесата на 14. издание на Фестивалот на пивото во Прилеп, кој го носи епитетот најголема балканска манифестација, што од 14 до 17 јули се одржа во градот под Маркови те кули.
На денешната прес-конференција организаторите потврдија дека Пивофестот и оваа година ги постигна очекувањата.
– „Пивофест прерасна во бренд на Прилеп и на Македонија. Годинава стотици илјади гости дојдоа од цела Македонија и од странство и јас би рекол, манифестацијата стана надвременска, зашто и покрај дождовите речиси секој ден, ништо не го наруши функционирањето на манифестацијата четирите фестивалски дена“, изјави градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Организаторите нагласија дека рекордна посетеност имало третата вечер, кога во Прилеп по добра забава дошле над 100 илјади гости.
Четири фестивалски денови, со добра организација, со 20. 000 паркинг места, нон-стоп отворени угостителски и трговски објекти, заокружија манифестација со огромен број посетители, чија безбедност беше на највисоко ниво и заврши без никаков инцидент.
Вчеравечер на финалето на фестивалот на главната бина на Пивофест настапија Александра Радовиќ, Биг бендот на Дејан Петровиќ, а ѕвезда на вечерта беше безвременскиот бенд Парни Ваљак.
Инаку оваа година на Пивофест настапија и светски познатите Флај Проџект од Романија, Рафаел од Нигерија и грчкото диџеј дуо Банг Ла Декс.
Фестивалот беше заокружен со 10-минутен огномет кој го осветли небото над Прилеп.