МК Сцена
Сребрената космонаутка Сара Мејс блескаше на својот концерт
Вселенски звуци, специфични ноти и уникатниот глас на Сара Мејс го преплавија Скопје Сити мол додека обожавателите на музиката уживаа во прекрасниот настап на младата македонска пејачка и нејзиниот тим.
На Сара ова и беше второто вселенско приземјување и во целост ја претстави својата оригиналност преку незаборавен настап и исклучителна сценографија и костимографија. Таа со својот тим ја преточија нивната музичка способност во флуидна репрезентација на емоции.
Вселенскиот брод беше предводен од сребрената космонаутка Сара Мејс и на неа ѝ се придружија Иван Петровски и Неврус Бајрам на гитари, Дејан Митровиќ на бас гитара, Филип Димишковски на клавијатури, Теа Богатинова и Калина Велковска како вокали, Александар Ванчовски на тапани и Виктор Филиповски на перкусии.
Како совршено надополнување на концертот на Сара Мејс како гостин настапи и незаменливиот Александар Принц. Воедно, бината ја исполнија и прекрасните движења на Јана Петровска и Мила Серафимовска од Beatrix crew, а за дел од музиката се погрижи и DJ Mats.
Сара Мејс го промовираше и својот албум кој е авторско дело на тимот на Floating through space with Sarah Mace и е издаден од Пасворд Продукција. Продуцент е Горан Гешовски и албумот се снимаше во студио Алшар од Ивица Јанкуловски. Албумот е во продажба и сите заинтересирани може да го најдат во Југотон.