Музика
СТАРТ НА ЗАБАВАТА НА ПЕТРОВАРАДИН: Лиам потсети на старите хитови, Алан Вокер ја „запали“ тврдината
Екипата на Популарно.мк можеме буквално да кажеме дека е во центарот на најголемата забава во Европа, односно во Нови Сад каде од оваа среда до недела се одржува најголемиот европски музички фестивал Егзит.
Петроварадинската тврдина е претесна да ги прими сите посетители дојдени од преку 80 земји токму поради фактот што организаторите оваа година очекуваат дека фестивалот ќе биде домаќин на преку 100.000 домашни и странски гости.
Најголемиот дел од младата публика е сместена во официјалниот фестивалски камп на плажата Штранд овде во Нови Сад каде забавата воопшто и не престанува, туку по завршувањето на официјалната програма на тврдината, која впрочем завршува во 8 часот наутро, продолжува на таканаречените „афтерпартис“ во кампот.
Годинава фестивалот нуди навистина богата програма со светски познати артисти и интересен факт е што фестивалската програма е поделена дури на 22 бини распределени на различни локации низ тврдината, секоја од нив нудејќи различен стил на музика.
Интересно е тоа што годинашното мото на фестивалот е Самр оф лав, односно лето на љубовта, со што се одбележува 50 годишнината од настанот познат како лето на љубовта кој се случил во 1967 година кога преку 100.000 жители на Сан Франциско облечени во хипи стил протестирале на улиците во овој американски град.
Егзит неофицијално започна оваа среда на таканаречениот нулти ден каде што имавме можност да го слушнеме популарниот американски бенд „Д Килерс“ кој направи експлозивна забава на главната бина.
Официјалниот дел пак започна вчера кога фестивалот беше отворен со мотивациски говор на познатиот говорник Ник Вуичиќ по што следуваше музичка церемонија во духот на Летото на љубовта и со звуците на култната Лет д саншајн ин беше прогласен стартот на четиридневната забава тука во Нови Сад проследена со спектакуларен десетминутен огномет.
Потоа на главната бина настапи хедлајнерот на вечерта, Лиам Галагер, поранешниот фронтмен на надалеку прочуената група Оазис кој важи за еден од најпрепознатливите ликови во современата британска музика и ги потсети присутните на најголемите хитови на групата, меѓу кои и Вандервал.
Фестивалската програма продолжи со побрз ритам со настапот на мегапопуларните диџеи Лост Фриквенсис и Алан Вокер, кого всушност имавме и ексклузивна можност да го интервјуираме што впрочем претставува и ексклузивно интервју за целиот балкански регион.
По настапот на Вокер кој заврши во раните утрински часови забавата паралелно се одвиваше и на останатите бини меѓу кои и на светски прочуената денс арена каде посетителите буквално и го пречекуваат новиот ден.
Со ваквиот експлозивен старт на фестивалот можеме само да потврдиме дека не очекуваат навистина квалитетни три дена забава тука на Егзит во Нови Сад каде што на главната бина како главни хедлајнери ќе се појават и Џејсон Деруло, Рег енд боун мен, Јиарс енд јиарс, Хардвел и многу други светски познати артисти.
Интересно е тоа што и Македонија има свој претставник на фестивалот, тоа е скопската група Визија, инаку поранешен корчагински бенд, кои настапуваат вечерва на таканаречената фјужн бина.
Зачудува и фактот што оваа година има преку 4.000 македонци присутни овде на Егзит, што само говори за популарноста на фестивалот и во нашата земја.
Инаку екипата на Популарно.мк останува во Нови Сад до недела да ги проследи сите фестивалски случувања преку ексклузивни интервјуа фотогалерии и видеорепортажи.