Сцена
Стисни Плеј: Македонска музичка константа
Тимот на Стисни Плеј испрати порака дека секој уметник има свое значење и е посебен и уникатен на свој начин, па оттаму признанијата носеа единствено мото „Македонска музичка константа“…
Водејќи се по минатогодишниот празничен концепт, тимот на единствената специјализирана музичка емисија во етерот, Стисни Плеј, за заокружување на годината 2022-ра додели статуетки во знак на признание на 10 истакнати музичари.
Со тоа што на статуетките не постоеше префикс „нај“, тимот на Стисни Плеј испрати порака дека секој уметник има свое значење и е посебен и уникатен на свој начин, па оттаму признанијата носеа единствено мото „Македонска музичка константа“.
„Годинава го пресликавме математичкиот термин кој означува постојана и непроменлива величина кај 10 домашни музичари, кои ги одликува децениска, континуирана кариера. А, уште пoзначајно е тоа што дел од добитниците на признание годинава одбележаа значаен музички јубилеј кој го прославија на различни начини.“ – истакнуваат од Стисни Плеј.
Во селектираните музичари беа вклучени Влатко Стефановски, по повод петдецениска кариера и година исполнета со безброј настапи ширум светот. Потоа, Каролина Гочева која прослави 3 децении на сцената и ја израдува публиката со камбек во поп жанрот со инстант хитот „Од небо до дно“, но и албумот „Песни за копнеж и љубов“ во соработка со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.с. Со признание за музичка константа се стекна и составот Нокаут по повод 25 години постоење бележејќи го и својот илјадити настап. На листата се најдоа и Ареа, кои со седмиот, а шести студиски албум „Љубов е“ го прославија 30-тиот музички роденден. Во ова друштво се најде и македонската дива Калиопи која веќе четврта деценија е во силна љубов со својата публика, а ова го докажа на концертот во театарот Јордан Хаџи Константинов – Џинот во Велес каде дури и по седумгодишна пауза од македонското поднебје, наиде на фантастичен прием кај посетителите.
Во улога на гости-презентери и во контекст на радиското издание на Стисни Плеј кое го збогатува етерот веќе втора година по ред, на предавањето на статуетките се појавија и Зоран Мирчевски, уредник на македонското радио, Радио 2, како и Рашела Гинова Карафилоски која на фрекфенциите на Радио 2 ве води низ „Заводлива квечерина“. Новинарите од матичниот медиум на музиката ги врачија статуетките на Владо Јаневски, како еден од најплодните кант-автори во земјата и неуморен изведувач и по 30 години на сцената, и на Дарио кој прослави импресивен 40-ти музички јубилеј.
Од алтернативната сцена со признание беше испочитуван и Мирко Попов и ПМГ Рикордингс, како диџеј со тридецениско искуство и продукција која е ветер во грб за бројни авангардни изведувачи и состави. Потоа, по повод приближување кон музичката триесетка како македонска музичка константа беа истакнати и Суперхикс, а кругот го затворија луѓето кои пред четири децении ја дефинираа македонската автентичност во музиката и до денес останаа огромен предизвик за млади уметници на просторите на поранешна Југославија со новиот музички правец кој го поставија – Мизар.
Мисијата на Стисни Плеј останува иста, а таа е континуирана поддршка на македонската, авторска музика, нешто што тимот на чело со Александра Јовановска го прави веќе 11 години и со сигурност чекори кон јубилеј вреден за признание под мотото со кое ја заокружија годинава – македонска музичка константа.