Сцена
Стотици лица веќе чекаат во ред за отворање на Октоберфест во Минхен
Во Минхен денеска по 184-ти пат се отвори славниот празник на пивото Октоберфест, пренесе ТАСС.
Според традицијата, точно на пладне градоначалникот на баварската престолнина Дитер Рајтер го заби чепот на првото буре со специјален чекан и зборовите „О’цапфт ис“ ( „отворено е“), означувајќи го почетокот на празнувањето.
Премиерот на Баварија, Хорст Зеехофер, традиционално ја доби првата кригла со пиво.
Беше регистрирано дека Рајтер бурето со пиво го отвори со само два удара со чеканот.
Бројот на ударите секоја година е тема за гласни дискусии за Октоберфест. Најдобриот резултат го има поранеѓшниот градоначланик Кристијан Уде, кој години по ред успеваше оваа задача да ја спроведе со само два удара со чеканот, а најлошиот е на Томас Вимер, кој во далечната 1950 година имал потреба да изведе дури 19 удари за отворање на бурето.
Инаку, уште од рано утринава стотици лица, на дождот, се наредија да го чекаат официјалниот почеток на Октоберфест, што од денеска па во следните 18 дена ќе се оддржи во Минхен, пренесе ДПА.
Очекувањата се дека годинава фестивалот ќе го посетатат околу шест милиони лица. Вообичаено тоа значи дека ќе треба да се обезбедат околу шест милиони литри пиво, повеќе од 100 вола и повеќе од 50 телиња.
-Октоберфест е нешто што треба да се заслужи, изјави Рајан, млад човек кој со група пријатели чека во редот, на дожд. Тие за фестивалот допатувале од Канада.
Повеќето од лицата кои чекаа во редот се облечени во традиционални баварски рокли или кожени панталони.
Заради стравувања од терористички напад германските власти за овој настан воведоа нови мерки за безбедност што вклучуваат забрана за носење ранци и други големи чанти, како и поставување на огради околу територијата на фестивалот.
Октоберфест годинава ќе трае до 3 октомври, кога е националниот празник – Денот на германското единство, потсетува ДПА.