Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Свечено доделување на наградата „Златен објектив“ на Столе Попов

Сцена

Свечено доделување на наградата „Златен објектив“ на Столе Попов

Во среда, 29 мај, точно на пладне во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе се одржи свеченото доделување на „Златниот објектив“ на големиот доајен на филмската уметност Столе Стојан Попов.

Ова признание Попов го добива за својот исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија – како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, влијателен и конструктивен во градењето на културните политики за развој на домашниот филм.

По доделувањето на „Златниот објектив“ за 2024 година, Попов ќе говори за своето филмско творештво и работно искуство преку разговор кој ќе биде модериран од страна на Илинденка Петрушева, познат филмски критичар, автор и истражувач на историјата на македонската и светската кинематографија.

Истата вечер, пак, со почеток во 20.00 часот ќе се одржи проекција на култниот ТЕТОВИРАЊЕ (1991), првиот игран филм создаден во независна Република Македонија кој, несомнено, и по својата содржина, одличните актерски достигнувања, познатите реплики и многу други нешта е впечатливо и единствено филмско дело. По проекцијата на филмот Столе Попов ќе одговара на прашања на публиката во Q&A сесија модерирана од Саша Станишиќ,и Јане Алтипармаков режисери од помладата генерација, инаку некогашни студенти на Попов кога тој беше професор на Факултетот за драмски уметности.

Оваа година Кинотеката ќе воведе уште едно признание, т.н. „Специјален Златен објектив“ наменето за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејност. Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 година е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист, а доделувањето на признанието за неговиот придонес во развој на кинотечната дејност ќе се одржи истиот ден, 29 мај во 12.00 часот, во киносалата на Кинотеката.

„Златниот објектив“ е признание кое Кинотеката, како национален филмски архив, го воведе пред повеќе од 15 години, а го доделува по повод роденденот на институцијата – 29 април 1974 година, кога е објавен Законот за формирање на кинотеката. Ова признание е наменето за филмски автори и професионалци, кои преку својот работен ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание биле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија.

 

 

Повеќе од Сцена

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.