Сцена
Светска премиера на документарниот филм „Градина“
Документарниот игран филм „Градина“ (Garden) на режисерот Бојан Тантуровски ќе има светска премиера на 23-ти мај оваа година во Белград, Србија, на еден од најголемите фестивали за документарни филмови на Балканот, Белдокс.
Филмот се снимаше во последните 5 години на периферијата на Скопје и ја следи приказната на група пензионери, урбани герила градинари, кои се принудени да ги напуштат градините на кои повеќе од 35 години одгледуваат разни земјоделски производи и им служи како еден вид место за социјализација, оддишка од градот, но и систем за преживување подалеку од урбаната џунгла. „Ова е емотивен филм за длабочината на она што ни претстои и значењето што можеме да го извлечеме од нашата врска со земјата и едни со други додека старееме“ – велат од Белдокс.
Ликовите кои ја носат приказната на филмот се Аранѓел Петков, Стана Петкова, Нада Миленковска, Ахмо Ѓозовиќ и Шемсудин Нумановиќ, а во реализацијата на филмот, покрај режисерот Тантуровски, учествуваа кинематограферот Кирил Шентевски, монтажерот Горан Вуќиќ, дизајнерот на звук Марко Наумовски. Продуцент на филмот е Илија Тирицовски заедно со Пеце Талески од ОХО Продукција.
Филмот се развиваше на повеќе меѓународни филмски настани и маркети како што се MakeProDox во Скопје, Beldocs во Белград и Evia Film Project во Грција, како дел од Солунскиот филмски фестивал, каде ја доби наградата за најдобар филм во развој во 2022 година. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за Филм на Северна Македонија.
Бојан Тантуровски филмски режисер, кој завршил филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и досега има реализирано неколку кратки играни филмови. „Градина“ е негов дебитантски документарен филм.