Музика
Тамара Тодевска ќе ја претставува Македонија на „Евросонг“
Македонската радио телевизија ги разгледа условите и обврските кон ЕБУ кои Јавниот сервис ги добива со потпишување на апликцијата за учество на оваа етаблирана манифестација. Истовремено ја разгледа и временската рамка на обврските и одлучи оваа година да се прифати моделот на изведувач(и) – автор(и).
Во таа насока, МРТ донесе одлука: Тамара Тодевска да ја претставува Македонија на Евросонг 2019. Во моментов се во тек консултации со група автори околу песната-национален претставник на годинашниот ЕВРОСОНГ.
За Тамара атрибутот „родена за музика” е нешто што најдобро го опишува нејзиното долгогодишно опстојување на поп сцената, од нејзиниот прв настап на 6 годишна возраст до ден денес.
Таа е родена во семејство на музичари: мајка оперска пејачка, татко професор на музичката академија во Скопје и сестра која е позната балканска поп пејачка, Тијана Дапчевиќ, која исто така ја има претставувано Македонија на Евровизија во 2014 година.
За Тамара ова не е прво искуство на Евровизиската сцена. Таа заедно со поп артистите Врчак и Адријан Гаџа ја претставуваше Македонија во Белград 2008 година со песната “Let me love you”. Исто така, како придружен вокал, на евровизиските натпревари настапи и со Тоше Проески во 2004 година и со сестра и’ Тијана Дапчевиќ во 2014 година.
Тамара има успешна соло кариера со издадени 2 албума и огромен број синглови и соработки.
Интересен е фактот дека Тамара има голем број фестивалски настапи во земјата и регионот и постои анегдота во која се вели дека е „вечно втора” и токму поради тоа, како што самата шармантно вели, оваа позиција е најмалку нејзина цел и оваа година.
Добитничка е на голем број награди за хит на годината, албум на годината и пејачка на годината, а нејзините песни се одлично прифатени од публиката и стануваат безвременски хитови.
Еден од мотивите за настапот оваа година на Евровизија, покрај тоа што ќе има сериозно победничка песна, е тоа што сака нејзините две деца и сопругот да ја гледаат на телевизија на Евровизиската сцена.