МК Сцена
Театарот од Плевен приреди вистински театарски спектал на петтото издание на „Битола Шекспир фестивал“
Вистински театарски спектакл приреди Драмскиот и куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија синоќа на сцената на Народниот театар во Битола, во рамките на петтото по ред издание на интернационалниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“.
Гостите од Бугарија ја прикажаа претставата „Симбелин“ во режија на Лили Абаџиева, која долови едно модерно видување на творештвото на Шекспир.
Два и пол часа, без можност за пауза и земање здив, „Симбелин“ на театарот од Пловдив кој има децениска традиција, фасцинираше на сцената со одличната актерска игра, со прецизноста и градењето на ликовите, со поигрувањето и мешањето на времињата и стиловите, со сценографијата и сценските ефекти, кои навидум едноставни, кулминираа со спектакуларна сцена на битка, доловена преку борба на сенки.
Уметничкиот директор на „Битола Шекспир фестивал“, Благој Мицевски појаснува дека Драмско-куклениот театар од Плевен е една од најреномираните театарски институции во Бугарија, која во изминатите години била близок соработник на Народниот театар од Битола.
Што се однесува до делото на Шекспир кое синоќа беше прикажано на фестивалската програма, Мицевски појаснува дека „Симбелин“ е текст кој наликува како да е збир, компилација од повеќе текстови на Шекспир.
-Некако можат да се препознаат ситуации како од „Ромео и Јулија“, „Дванаесетта ноќ“…Интересно е дека „Симбелин“ е текст од Шекспир, кој многу ретко се поставува во театрите. Годинава првпат тој текст како претстава се појавува и на Битола Шекспир фестивал, во текот на неговото петгодишното постоење. Претставата на Лили Абаџиева, можеби остава впечаток како да е збир од некои нејзини најдобри дела. На моменти наликува на омаж од секвенци на некои други нејзини претстави според текстови од Шекспир, на кој таа е посветена и кореграфски, сценографски и естетски, вели Благој Мицевски, уметнички директор на „Битола Шекспир фестивал“.
Реномираната режисерката од Бугарија, Лили Абаџиева добро е позната на македонската театарска сцена. Изминатите години, Абаџиева со особен успех, претстави две дела во Битолскиот народен театар, а по една претстава во МНТ и во Драмски театар во Скопје.
Абаџиева има една специфична естетика која го негува традиционалниот шекспиров принцип, односно работи само со мажи во нејзините претстави по што стана и мошне препознатлива во театарскиот свет.
Нејзината „Ромео и Јулија“ беше прогласена за најдобра претстава на фестивал во Москва, а на фестивалот во Египет, со истата претстава освои Гран при. Публиката ја памети и спектакуларната изведба на нејзината претстава „Отело“, која се играше на Младиот отворен театар.
Во рамките на годинашното издание на „Битола Шекспир фестивал“, кое започна на 21 јуни, а ќе трае до 1 јули, предвидени се гостувања на шест реномирани театарски куќи од Бугарија, Русија, Казахстан, Романија, Словачка и САД, како и шест претстави на театарски куќи од Република Македонија.