Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ТИНА МИЦКОВСКА: „Сѐ е подготвено за јубилејниот Пиволенд – се гледаме на Кале!“

МК Сцена

ТИНА МИЦКОВСКА: „Сѐ е подготвено за јубилејниот Пиволенд – се гледаме на Кале!“

Вечерва во Скопје започнува 10-то јубилејно издание на гурманскиот викенд со пиво „Пиволенд“, кој поради големиот фудбалски настан „Супер куп“ ќе се одржи од 7-ми до 12-ти август и ќе понуди богата музичка програма, забава за сите присутни, многу ладно пиво и многу други интересни активности.

Поради јубилејниот роденден, фестивалот ќе трае шест дена, од понеделник до сабота. Покрај музиката, овој Пиволенд ќе биде посветен и на најважната споредна работа на светот ФУДБАЛОТ. Околу 100 видови пиво, музика и фудбал- одлична комбинација за незаборавно доживување по десетти пат на Скопското Кале.

За историјата и уникатноста на фестивалот, 10 годишниот јубилеј и сите новитети кои оваа година ќе ги изненадат присутните зборувавме со Тина Мицковска, од организацијата на фестивалот.

На фестивалската бина на „Пиволенд“ настапувале голем број на артисти, но ја прашавме Тина кој настап, според нејзе, оставил најголем впечаток кај публиката.

– „Дефинитивно како најинтересен ќе го издвојам настапот на нашата музичка легенда Гоце Арнаудов. Таа енергија која вечерта се почувствува на Скопското Кале и ден денеска се прераскажува. Секоја година за фестивалот има „расправии“ околу музиката, односно сите посетители имаат свои музички желби, но Гоце Арнаудов е единствен што на едно место успеа да ги собере сите – металци, рапери, трансери, технаџии, рокери, џезери… И замислете сите песни ги знаеа на памет.“ – низ смеа вели Мицковска.

Според нејзе, втор настап по посетеност бил концертот на Кирил Џајковски, но и диџеј сетовите на Stereo Mc’s и Kosheen.

Се организираат голем број на фестивали низ целата република, а особено на пивото. Ја прашавме Тина, што го прави Пиволенд поразличен од другите фестивали во Македонија?

– „Покрај Пиволенд, единствен фестивал на пивото, кој не го гледаме како конкуренција туку како братски фестивал со кој си разменуваме искуства е Пивофест во Прилеп. Но, имаме сосема различен концепт и тоа ги прави двата фестивали уникатни и најмасовно посетени. Пиволенд е бренд, магија која пет дена се случува на Скопското Кале.“ – додава Тина.

Луѓето кои со години редовно доаѓаат на фестивалот, зеленилото и убавата атмосфера на Кале, новите надежни бендови кои секогаш изненадуваат со добра музика покрај веќе докажаните ѕвезди – се ова придонесува Пиволенд да биде поразличен од другите и единствен по својата уникатност.

– „Кога првпат го посетив фестивалот во 2008 година, посакав да трае цела вечност наместо четири, односно сега веќе шест фестивалски денови.“ – се сеќава таа.

Зборувајќи низ бројки, ја прашавме Мицковска дали имаат некои интересни факти, колку пиво испиле скопјани и останатите посетители изминатите години на Пиволенд, колку луѓе го посетиле фестивалот? Какви вкусови на пиво имале можност присутните да пробаат?

– „Поентата на фестивалот е да се дегустира пиво, но не и да се претерува, затоа и не би сакала да се расфрлам со бројки околку испиеното пиво. Најважно од се е да се пробаат што повеќе нови пива, а тоа веќе десет години им го овозможуваме на посетителите. На Пиволенд досега можеа да се пробаат пива од сите страни на светот – преку официјалните пива на светски познати бендови како Iron Maiden, до пива кои ги изработуваат калуѓери, пива со интересни вкусови, светски брендови, белгиски, англиски, германски пива и секако нашите домашни македонски пива кои заслужуваат најголема промоција. Инаку вкупната бројка на посетители ако сметаме според годишните посети е огромна. Отприлика Пиволенд досега го посетиле вкупно 2,7 милиони посетители.“ – објаснува Мицковска.

Оваа година фестивалот ќе понуди навистина интересна и разновидна програма и ќе привлече голем дел од фановите дојдени за „Суперкупот“.

– „10 години јубилеј не е мала работа и пред нас е тешка задача. Во соработка со градот Скопје, оваа година одлучивме фестивалот да се случува малку порано од вообичаеното. Ќе биде интересно и за бројните фудбалски фанови кои ќе дојдат од сите страни на Европа, да бидат дел од Пиволенд.“ – додава Тина.

Планирано е на видео бим да се проследи натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, но и промотивни цени на пивото, како и голем број забавни содржини. Младите и надежни бендови повторно ќе имаат шанса да ја промовираат својата музика на Пиволенд, а на главната сцена ќе настапат добро познати музички имиња како Ивана Петерс (Негатив), Ван Гог, Сарс, САФ, Дј Чваре, Конкверинг Лајон…

– „Ќе имаме и женска вечер со диџејки и еден уникатен бенд „Single Ladies” кои одлично ги преработуваат песните на Бијонси. Но, да не откривам се, ве поканувам во живо да видите како ќе изгледа фестивалот од 7-ми до 12-ти август во Скопје. Во иднина, се надевам на што помасовна посетеност и да ми се исполнат желбите за настап на големи светски имиња кои ги планираме.“ – за крај додава таа.

Фестивалот е под покровителство на градот Скопје и годинава за негова реализација од буџетот се издвоени 600.000 денари.

Оваа година со одржувањето на Пиволенд всушност ќе започне и големата летна забава „СУПЕР СКОПЈЕ“, којашто ќе се одржи на повеќе локации низ градот Скопје.

На 18 и на 19 август забавата ќе се организира на Кејот 13 Ноември, на 25 и на 26 август во Старата Скопска Чаршија, на 1 и на 2 септември на улица Македонија и на 8 и на 9 септември на Боемската улица во Дебар Маало. Притоа на сите овие 4 места, на 2 локации, секој петок и сабота во вечерните часови, жителите и посетителите на Скопје ќе можат да уживаат во добра летна забава.

Бидејќи се работи за јубилеен роденден на Пиволенд, се подготвуваат голем број изненадувања.

Дојди, види, испиј! 10 години Пиволенд!

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.