МК Сцена
Третата фестивалска вечер на „Пивофест“ во ритамот на Анабела и Харис Џиновиќ (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Помина уште една фестивалска вечер во Прилеп во името на добрата музика, ладното пиво и вкусната скара.
Дождот и ветерот кои ги намалија температурите во Прилеп не беа причина за посетителите да не уживаат во музичката програма на фестивалската бина.
Прва пред прилепчани настапи Елена Велевска, чиј плејбек настап не беше доволен за загревање на присутната публика. Затоа, пак, настапот на Анабела од поранешната „Фанки Џи“ беше дочекан со овации, а по малкуте хитови на пејачката таа започна да пее добропознати хитови од Северина со што го најави нејзиниот вечерашен настап на финалето на „Пивофест“.
Публиката со нетрпение го очекуваше настапот на вечерта, односно на босанецот Харис Џиновиќ, кој по втор пат се враќа на „Пивофест“ во Прилеп и приреди двочасовна забава за паметење за прилепчани и гостите од регионот.
Сексипилната водителка Марјана Станојковска уште еднаш ги потсети присутните за наградната игра, односно селфи натпреварот со кој можете да ја освоите фестивалската маскота – мајмун.
Фестивалот ќе ја доживее кулминацијата вечерва со настапите на „Тајфата“, оркестарот „Џамбо Агушев“ и хрватската пејачка Северина.